Македонија се претстави на два саеми за туризам

23

Република Македонија, викендов учествуваше на два саеми за туризам и тоа на Виенскиот саем и на Нордискиот саем во Хелсинки.
Агенцијата за поддршка и промоција на туризмот во соработка со Амбасадата на Република Македонија во Австрија и економскиот промотор, и годинава го претставија туристичкиот потенцијал на Република Македонија во Виена. Македонскиот амбасадор во Австрија, д-р Ѓорѓи Филипов истакна дека Република Македонија продолжува со агресивниот настап на полето на туристичката презентација на земјата.
“Одличната организација и презентација на штандот, настапот на Македонска детска фолклорна група, вклучувањето на условно речено мистифицирани приказни го загатнаа интересот на присутните Австријци кои потоа со апетит пријдоа кон дегустацијата на македонското вино кое беше понудено на штандот. Се забележува разлика од претходните и оваа година во динамиката и во поголемото присуство на Македонски тур-оператори поради што сум убеден дека оваа година бројот на австриски туристи далеку ќе ја надмине претходната година”, рече Филипов.
На штандот Македонија како туристичка дестинација ја понудија и македонските тур-оператори Visit Macedonia, Panoramic и Macedonia Travel.
“Ова е втор саем за туризам на кој ја претставуваме Република Македонија годинава, кој следи веднаш по Холандија. Интересот за Македонија како туристичка дестинација расте на австрискиот пазар. Нови соработки со Австриски тур-оператори се на повидок, со што очекуваме бројот на туристи од Австрија драстично да се зголеми оваа година. Посебен акцент при промоција на Македонија во Австрија е ставен на бројните сончеви денови кои на Австријците им недостасуваат”, рече портпаролот на Агенцијата, Маја Глигоровска.
Ева Велјановска, економски промотор во Австрија истакна дека австрискиот пазар е огромен потенцијал за Република Македонија, како во поглед на туризам, така и за инвестиции.
На најголемиот нордиски саемот во Хелсинки-Матка, претставникот на Агенцијата за промоција и поддршка на туризмот, Никола Костадинов истакна дека заинтересираноста за посета на Македонија бележи зголемување во споредба со минатите години. Тој додаде дека оваа година се работело и на нови промотивни матријали.
„На состанокот со локалниот тур оператор кој оперира со чартери во соседните земји и кој веќе ја има Македонија во своите пакет аранжмани со комерцијалните летови уште од 2007 година, Naantalin Matkakaupa, им беа претставени бенефициите кои им ги нудиме како држава и беше разговарано за можноста за поставување чартер летови. Беше разговарано и со други големи и важни тур оператори како Аполо, Компас Скандинавија, Ауринкоматкат и изненадувачки беше тоа што ни испратија пофалби и не охрабрија дека со тоа што вложуваме во маркетинг, со настап на повеќе саеми со добро подготвен промотивен материјал и со рекламните спотови на телевизија сме успеале да допреме до многу поголем број на туристи што резултира со изразено поголем интерес за Македонија во новите компании”, рече Костадинов

Саемот во Хелсинки, Финска е третиот по ред интернационален саем за туризам од предвидените 16 за оваа година на кои Агенцијата за поддршка и промоција на туризмот ќе ги претстави туристичките потенцијали на Македонија