Македонија шеста во светот по привлекување гринфилд инвестиции

Македонија се најде на шестото место меѓу 105 земји од светот рангирани во извештајот Greenfield FDI Performance Index за 2025 година кој пресметува колку странски инвестиции привлекле земјите во однос на нивниот БДП. Во извештајот кој веќе десет години го подготвува „ФДИ интелиџенс“, специјален истражувачки оддел на „Фајненшл Тајмс“се нагласува дека Македонија со помалку од два милиона жители и номинален БДП од околу 16 милијарди долари е пример за земја од Западен Балкан која ги надминува своите можности кога станува збор за привлекување странски директни инвестиции, пишува Блумберг Адриа.

На првото место на листата повторно се најдоа Обединетите Арапски Емирати, на второто место е Намибија, а на третото Костарика. Од земјите од регионот освен Македонија, којашто е најдобро пласирана меѓу првите десет земји на глобално ниво се најдоа и Босна и Херцеговина (7.место) и Србија (8. место). Хрватска е рангирана на 20. место на глобалната листа, а најлошо е рангирана Словенија на 79.место.

Од вкупно 105 оценети земји во извештајот, околу 85 забележаа индексен резултат над еден, што значи дека нивниот удел во глобалните проекти за гринфилд странски директни инвестиции во 2024 година бил поголем од нивниот удел во глобалниот БДП во истата година. Останатите 20 земји имаат резултат под еден, што значи дека привлекле помалку странски директни инвестиции во однос на големината на нивната економија.