Македонија треба да ја искористи енергијата добиена од ветер

26

veternici (2) Енергетската иднина на Македонија е во искористувањето на обновливите извори на енергија добиени од ветер, биомаси и мали водотеци, смета Сања Божиновска, директор на секторот за трговија со електрична енергија во Руднап.

Руднап е една од најголемите компании за трговија со струја во Југоисточна Европа, присутна и во Македонија преку партнерската компанија Energy Services, како лиценциран трговец со електрична енергија.
“Станува збор за извори на зелена енергија кои се добиваат со релативно ниска цена, не ја загадуваат околината, нема потреба од увоз на гориво и се високо ефективен извор. Особено ветерниците кои ги карактеризира можност за производство на голема количина на енергија, не зафаќаат голем простор и се одличен извор на енергија во областите кои се надвор од градовите”, вели Божиновска.

Таа нагласува дека треба да се искористат овие можности, бидејќи Македонија изобилува со нив и штета е да не се исползуваат, а како можност за инвестирање во нови енергетски објекти го посочува јавно-приватното партнерство.

“Руднап како компанија со големо искуство на полето на енергетиката и може многу да направи. Нашата стратешка цел е Руднап дополнително да го искористи својот потенцијал за трговија со електрична енергија, преку развој, изградба и управување на сопствените производни капацитети преку инвестиции во проекти со кои се искористуваат обновливите извори на енергија”, прецизира Божиновска.

Како пример за јавно-приватно партнерство ја посочува нивната инвестиција во ветерни електрани во Романија, како и неколкуте хидроелектрани во Србија и Босна и Херцеговина.

“Со уште неколку инвестиции на ова поле реално е да се очекува Македонија до 2020 година, 20% од вкупното производство на електрична енергија да ја добива од обновливи извори на енергија, што е просек и на дел од земјите членки на ЕУ, како Бугарија и Естонија”, посочува Божиновска.

Божиновска додава дека Македонија треба да се фокусира на уште една енергетска поврзаност со Србија, која е особено потребна бидејќи моменталната поминува низ Косово.

“Потребно е да се воспостави и енергетска поврзаност со Албанија, со која моментално сме поврзани преку Србија. Со тоа се создаваат услови кои позитивно ќе делуваат на енергетската состојба во земјава, и се добиваат повеќе алтернативи, и поевтина цена на струјата во ситуација кога на берзата таа се намалува, како што е случајот периодов”, додаде Божиновска.