Македонија учествува со 0,01% во вкупниот извоз на кафе во светот

127

Ретко кој од нас не го започнува денот без шолја вкусно црно кафе, што ни ги отвора очите и ни дава енергија за предизвиците што ги носи денот. Но, за да стигне кафето во шолјата, треба да помине долг пат и соодветен процес на подготовка.

Подолу анализираме кои се најголеми извозници на кафе во светот, а каде се наоѓа нашата земја во светски рамки и колкава е вредноста на извезеното кафе во долари.

Лидер во извозот на кафе во светски рамки е Бразил со извоз вреден 4,4 милијарди долари, што е 14,3% од вкупниот извоз на овој вкусен напиток. Зад него се: Виетнам со 3,1 милијарда долари, Германија со 2,5 милијарди долари, Швајцарија со 2,4 милијарди долари и Колумбија со 2,3 милијарди долари извоз на кафе.

Нашава земја во текот на минатата година оствари извоз на кафе во вредност од 2,2 милиони долари (или 0,01% од вредноста на вкупниот извоз на кафе во светот) и е 92 земја во светски рамки. Во подобра позиција од нас, на регионално ниво, се: Бугарија е 35-та (85 милиони долари), Словенија три позиции подолу (61,8 милиони долари), Грција е на 56-то место (18,9 милиони долари), Хрватска е три места подолу (18,3 милиони долари). Над нас се и: Турција е 67-ма со 12,1 милиони долари извоз на кафе, Србија е 74-та со 7,6 милиони долари и Босна и Херцеговина со 5,5 милиони долари извезено кафе. Албанија е 111-та со извоз на кафе во висина од 379.000 долари.

На дното на листата од 170 држави се најдоа: Курасао, Пакистан и Суринам со извоз на кафе во висина од 1.000 долари.