Македонија во 2018 година ќе потроши повеќе енергија

23

dalekovod-pixabay

Фото: Pixabay

Македонија следната година ќе потроши за 2,7% повеќе финална енергија од годинава, предвидува Енергетскиот биланс за 2018 година. Најголемо учество во потрошената енергија ќе имаат нафтените продукти со 51,5% по што ќе следи електричната енергија со 28%, биомасата со 10,5% и јаглените со 5,3%, јавува Миа.

Како што беше истакнато на седницата на Македонската енергетска асоцијација (МЕА) на којашто се разгледуваше Енергетскиот биланс, 39% од вкупната потрошувачка на финална енергија ќе ја апсорбира сообраќајот, 27% индустријата, 26% домаќинствата, пет отсто комерцијалниот и услужниот сектор, 1% земјоделството,… Производството на електрична енергија се предвидува да изнесува 5.766 гигават часови или за 3% повеќе од 2017 година.

Предвидените потреби од енергија за 2018 година се за 2% пониски во однос на 2017 година. Споредено со 2017 година, најголем раст се забележува кај природниот гас од 14%, како резултат на најавите за зголемено производство од ТЕ – ТО. Во 2018 година се предвидува нафтените продукти да учествуваат со 39% во потрошувачката, јаглените со 31%, биомасата со 8%, природниот гас со 9%, хидро енергијата со 4%, а ветерната, геотермалната, биогасот и соларната енергија со нешто над 0%. Нето увозот на електрична енергија, пак, ќе учествува со 8%.

Енергетскиот биланс е индикативен плански документ во кој се прикажуваат потребите од вкупните количества на енергија и од одделни видови енергија во земјата и можностите за нивно обезбедување со производство од домашните капацитети и од увоз.