Следните пет години Македонија во енергетскиот сектор треба да инвестира околу 1,2 милијарди евра. Толку пари се потребни за ревитализација на постоечките и изградба на нови енергетски објекти, за енергетско поврзување со земјите од регионот, како и за целосно спроведување на останатите мерки, активности и задачи содржани во Програмата за реализација на Стратегијата за развој на енергетиката.
Овие средства, како што изјави министерот за економија Ваљон Сарачини пред денешната стручна расправа по Предлог-текстот на Програмата, ќе бидат обезбедени од сопствени извори, од евентуално ново задолжување или преку моделот на јавно приватно партнерство.
Експертите порачуваат државата, во контекст на воспоставувањето стабилен енергетски сектор, да се фокусира пред се на искористувањето на домашните ресурси.
– Потрошувачката на енергија во следните пет години се очекува да порасне за три отсто. Оттука произлегува неопходноста од соработка на сите засегнати страни, надлежните институции и компаниите од енергетскиот сектор, рече Сарачини.
Стратешка определба на Владата, додаде, е да се овозможи намалување на потрошувачката на енергија за девет отсто во однос на просечната потрошувачка во периодот 2002-2006 година.
Според академиците кои беа вклучени во изготвувањето на Програмата, Македонија мора да се насочи кон редовно обезбедување јаглен за термоцентралите и кон обезбедувањето дополнителен извор на снабдување со природен гас. Користењето на обновливите извори на енергија и отворањето на рудниците исто така треба да се приоритет.
Професорот Константин Димитров од Машинскиот факултет смета дека претстојните пет години во кои, согласно проекцијата, треба да се вложат 1,2 милијарди евра, ќе бидат само подготовка за новите енергетски капацитети. Методолошки, цени Димитров, планот е добро подготвен, но останува да се види дали ќе успееме да ги обезбедиме потребните средства.
– Ако имаме доволно пари, ќе вложиме веднаш во сите објекти и мерки предвидени со Програмата. Не очекуваат жешки и тешки години, но во енергетиката мора да се вложува. Добро би било Владата да ги заинтересира приватните инвеститори за концесии преку јавно приватно партнерство, нагласи Димитров.
Програмата за реализација на Стратегијата што Владата ја донесе во 2010 година ја изготвува МАНУ со тим внатрешни и надворешни експерти.