Компанијата Македонијатурист оствари 151.083.000 денари во период од први јануари до 31-ви декември минатата година, покажува неревидираниот финансиски извештај, објавен на Македонска берза.
Во истиот период минатата година, Македонијатурист евидентираше добивка во висина од 193.307.000 денари.
Приходите од продажба на компанијата, во пресметковниот период, се на ниво од 369.521.000 денари, додека една година претходно биле во висина од 409.532.000 денари.
“Со оглед на напред изнесеното како и фактот дека Друштвото работеше во услови на нелојална конкуренција на пазарот и под влијание од глобалната економска состојба на ограничени услови на работење на економиите во земјите од ЕУ и новонастанатите случувања во регионот, кое секако има последици по севкупното работење и во нашата економијата, а кое се одрази и врз остварените финансиски резултати од работењето на Друштвото во дванаесетте месеци од тековната 2014 година, остварените резултати се задоволителни“, стои во коментарот на финансиските извештаи.
Македонијатурист е компанија од областа на угостителството и туризмот. Таа е сопственик на хотелите: Holiday Inn, Best Western Hotel Turist, Best Western Hotel Bellevue, Водно, Јадран и Бристол. Во рамки на компанијата се и рестораните Пивница и Огниште во рамки на Holiday Inn Скопје.