Македонијатурист од први јануари до 31-ви декември лани успеа да оствари 117.628.000 денари вкупна сеопфатна добивка, покажува билансот на успех објавен на Македонска берза. Истиот период во 2015 година, компанијата прикажа добивка во висина од 135.758.000 денари.
“Со работењето друштвото во 12-те месеци од 2016 година од пружените хотелски и ресторански услуги како основна дејност како и од други споредни дејности оствари позитивен финансиски резултат со бруто добивка од 131 милиони денари, којашто е за 13,38% помала во однос на истиот период од претходната година или нето добивка од 117,63 милиони денари, којашто е за 13,35% помала од истиот период во минатата година. Тоа е како резултат на бавното заздравување на економијата на земјата од глобалната економска состојба на ограничени услови на работењето на економиите во земјите од ЕУ кое има последици по севкупното работење и во нашата економија“, стои во Коментарот кон билансот на успех.
Вкупните приходи од продажба на крајот на 2016 година достигнаа 308.394.000 денари, додека една година претходно беа на ниво од 367.650.000 денари.
Македонијатурист во текот на шесте месеци од 2016 година, како што се наведува, направи нови инвестициони вложувања во износ од 923.172 денари и во одржување на своите објекти и набавка на опрема во износ од 3.963.370 денари.
Македонијатурист работи со седум хотели: Холидеј Ин, Бест Вестерн Хотел Турист, Хотел Карпош, Хотел Јадран, Хотел Бристол, Хотел Белви, Хотел Водно; два ресторани: Пивница и Македонија, и Пабот Лондон. Исто така е основач и на МТ – Њујорк ДООЕЛ – Скопје, компанија за промоција и финансиска поддршка на Њујорк Универзитетот Скопје, како и на високообразовната установа Њујорк Универзитет во Скопје за американски и европски студии.