Македонската асоцијација за човечки ресурси ја организира шестата Меѓународна конференција за човечки ресурси

21

HR

Македонската асоцијација за човечки ресурси ја организира шестата по ред Меѓународна конференција за човечки ресурси и HR EXPO. Конференцијата ќе се одржи на 3-ти октомври (петок) 2014 година, во М6 Едукативен Центар, Скопје.

Со оглед на тоа што стандардизацијата претставува важен процес преку кој се утврдуваат критериуми со чие исполнување се гарантира ниво на квалитет на одредена услуга или производ, во стремежот за унапредување на професијата менаџмент на човечки ресурси препознаваме потреба од градење на свеста за потребата од поставување на стандарди, кои ќе бидат базата на која ќе се надополнуваат искуствата од најдобрите светски практики во оваа област.

Настанот е поддржан од страна на МИОА и European Association for People Management – EAPM и на која ќе земат учество високи претставници и еминентни имиња, како што се г. Izy Behar, сегашниот претседател на ЕАПМ, претходниот претседател г. Filippo Abramo, г-ѓа Barbara Luckmann Jagodic, претставник од Триглав групацијата од Словенија, г. Rainer Jensen, поранешен директор за организациски развој и едукација во Coca Cola Erfrischungsgetraenke AG, Германија и проф. Giovanni Serafini од универзитетот Шефилд и Сити колеџот, кои што ќе го споделат своето искуство и знаење за најдобрите HR практики со присутните учесници.

Ексклузивен дел на настанот ќе биде прогласувањето на HR менаџерот на 2014 година со доделување на статуета!

Во рамките на конференцијата традиционално ќе се одржи и HR Training EXPO, можност за промоција на програмите и услугите на сите заинтересирани компании и институции кои се дел од формалното и неформалното образование во РМ, пред присутните HR менаџери и претставници на бизнис секторот.

Денот пред конференција 02.10.2014 ќе се одржи воведна отворена дискусија – тркалезна маса за HRM стандардизација во РМ, со HR менаџери и HR експерти, претставници на јавниот и приватниот сектор, со цел да се елаборира темата за развој на HR стандарди и стандардизација на професијата во РМ, преку Институтот за стандардизација на РМ- ИСРМ.