Македонската и грчката железница договорија соработка

124

vozМакедонски железници – Инфраструктура и Грчките железници ќе ја интензивираат соработката и наскоро ќе потпишат меморандум за соработка.

Ова вчера во Скопје го договорија директорите на двете претпријатија Ирфан Асани и Панајотис Теофанопулос.

Двајцата директори разговараа и за поставување на заедничка станица каде ќе се врши примопредавањето на возовите, а разгледана е и опцијата за повторно воведување на патничкиот воз до Солун за кој треба да се разгледаат сите аспекти на исплатливост, јавува Миа.

Според директорот на Грчките железници, средбата меѓу раководствата на двете претпријатија е историска, а соработката меѓу железниците е важна за да има подобар и побезбеден железнички сообраќај.

“Не се работи за македонски, српски или грчки железници, туку за железница како целина во која треба да имаме побрз пренос на патници и стоки. Еден воз кога ќе тргне од Пиреа или Атина и ќе стигне во Германија, тогаш тој воз не е само грчки, туку на сите држави низ кои поминува”, потенцира Теофанопулос.

Железничкиот сообраќај на Коридорот 10 е намален за три ипол пати во споредба со периодот пред економската криза, а една од причините поради која европските бизнисмени се повеќе ја заобиколуваат Македонија, според директорот Асани, е лошата железничка инфраструктура.

“Имавме 28 црни точки каде имавме бавно движење на возовите, односно тие се движеа со намалена брзина од 20 километри на час. Имаме чекање на стоката на царинска или полициска контрола која во дадени ситуации трае и со часови”, нагласи Асани.

Средбата меѓу раководства на двете претпријатија се случува по пауза од 25 години.