Македонската туристичка понуда на Меѓународната берза во Софија

20

Туристичката понуда на Македонија од денеска до 14-ти овој месец ќе се претстави на 32. Меѓународна туристичка берза Холидеј и Спа во Софија, Бугарија, пишува Миа.

Со свои штандови во Интер Експо Центарот со Софија на 7.500 метри квадратни ќе се претстават повеќе од 330 субјекти од туристичкиот бизнис сектор од 21 држава од светот.

Покрај можноста да добијат најнови информации за кондицијата на туристичките пазари во светски рамки, изложувачите на саемот ќе имаат прилика да остварат корисни контакти насочени кон поуспешна деловна активност, како и размена на искуства со експертите од областа на туризмот. Во текот на трите саемски денови предвидено е и одржување на десетина дискусии на кои ќе бидат разгледувани актуелни теми посветени на тенденциите на светскиот туристички пазар, како и повеќе од 60 презентации на национални и локални туристички понуди.

Според програмата на Агенцијата за промоција и поддршка на туризмот, после Бугарија македонската туристичка понуда ќе биде претставена и на Меѓународниот саем за туризам ИФТ што од 19 овој месец ќе се одржува во Белград.