Македонскиот ајвар уште еднаш го потврди својот квалитет и автентичноста по којaшто е препознатлив насекаде низ светот. Домашниот производител на зимница, Hina Products од Гевгелија освои неколку престижни признанија за своите производи на 85-от Меѓународен саем за земјоделство во Нови Сад.
“Кралот на зимницата“ – домашниот благ ајвар на Hina Products беше прогласен за Шампион на квалитет во својата група производи, додека традиционалните производи лутеница, ѓувеч и благ ајвар беа наградени со три големи златни медали. На Hina Products ѝ беше доделен и пехар за висококвалитетни производи.
“Навистина сме горди што добивме вакви признанија за квалитетот на нашите производи на реномирана манифестација со долга традиција, како што е Саемот за земјоделство во Нови Сад. Нашите производи се подготвуваат по традиционален рецепт, од свежи и внимателно избрани зеленчуци и овошја. Овие награди се поттик повеќе да продолжиме да нудиме гарантиран квалитет на домашниот и на странските пазари“ – изјави Десанка Алчинова од Hina Products.
Домашниот ајвар и домашната лутеница од брендот Hina Products се подготвуваат по оригинален домашен рецепт. Она што ги издвојува од останатите ајвари што може да се најдат на рафтовите во маркетите е дека производите се 100% природни и содржат внимателно избрани состојки, а во исто време се без додатоци на скроб, вештачки бои и ароми. Компанијата има 12-годишно искуство во производството и преработката на овошје и зеленчук.