Запознавање со современите технологии коишто се користат при производство на пекарски и кондиторски производи, информирање за стандардите на квалитет кои ги поставува ЕУ за извоз на овие пазари, како и едукација за конкурентност на пазарите во ЕУ беше целта на еднонеделниот престој на делегација од 27 претставници од Македонија и од Србија во германската покраина Баварија, пишува Миа.
Патувањето, коешто се одржа од 14-ти до 19-ти февруари, беше во организација на Германската стопанска комора во Македонија во рамките на проектот Bayern – Fit for Partnership, а под покровителство на Баерн Интернационал.
Од Македонија учествуваа компаниите Макпрогрес, Витаминка Прилеп, Свислион, Специјал Продукт и Жито Прилеп. Делегацијата посети вкупно 15 германски компании од оваа стопанска гранка меѓу кои и компаниите Бако Михен, Волф Бутер Бак, компанијата Дер Бек која е лидер во пекарската индустрија и има ланец од 150 пекари низ Германија.
Во склоп на ова патување беа одржани и интерни саеми каде што се претставија 14 германски компании кои се занимаваат со производство на најсовремена опрема за пекарска и кондиторска индустрија.
Покраината Баварија е најголема меѓу 16-те покраини во Германија и претставува локомотива, која ја влече германската економија со извоз од 170 милијарди евра во 2015 година и тренд на раст во 2016. Германија е најважниот трговски партнер за Македонија. Во 2015 година е направен извоз во висина од 1,7 милијарди евра, а увоз во висина од 730 милиони евра.