Македонски компании заинтересирани за унапредување на соработката со Аргентина

2

Компании – членки на Македонско – бугарската стопанска комора од градежниот сектор, фармацевтската, прехранбената и винската индустрија, го презентираа своето деловно работење пред аргентинскиот амбасадор Гујермо Салвадор Азрак и искажаа интерес за проширување на својот бизнис надвор од европскиот пазар, во подалечните земји како Аргентина, преку пласман на производите и остварување конкретна трговска соработка, пишува Миа.

На состанокот што го организираше Комората, амбасадорот Азрак рече дека максимално ќе се заложи и ќе помогне во реализирањето директни бизнис релации меѓу македонските и аргентинските фирми.

“Основната цел на мојата денешна посета на Комората е да ги слушнам македонските компании и да им помогнам во унапредувањето на соработката со аргентинските бизниси. Можности има многу и се надевам дека средбата наскоро ќе даде резултат“, изјави Азрак по состанокот.

Размената меѓу Македонија и Аргентита е многу мала, а тоа, како што оцени претседателот на МБСК Зоре Темелковски, е резултат на предрасудите за далечни и блиски пазари кои кај претприемачите не постојат. Според Темелковски, малата размена е последица и од недоволното познавање на потенцијалите на двата пазара