Македонски кроасани освојуваат девет странски пазари

16

Следејќи ја идејата да создадат производ којшто ќе го има вкусот и мирисот како да е подготвен дома, македонската фабрика Жито пром ги направи кроасаните 4U, коишто веќе освоија и девет странските пазари, стои во соопштението.

Тие може да се најдат во Грција, Србија, Косово, Албанија, Црна Гора, Босна и Херцеговина, Хрватска, Романија и Италија, а достапни се и за домашните консументи низ поголемите маркети во државата.

Приказната зад фабриката почна пред 19 години во Гевгелија како семеен бизнис, карактеристика што брендот ја поседува и денес. Жито пром сега произведува и брашно, а кроасаните им се главен адут за извоз. Кроасаните се произведуваат во неколку различни вкусови – какао, ванила, јагода и кајсија, но во план е палетата во иднина да се шири.

Тие имаат ХАСАП сертификат доделен од една од водечките институции во секторот на безбедност на храната, TUV Austria. Тајната е во италијанската рецептура што се базира на користење на природен квасец наместо комерцијален, купечки.

“Природниот квасец вклучува уникатен процес на бавна ферментација односно растење на тестото, за на крај да се добие свеж, мек и вкусен кроасан без користење на дополнителни хемиски адитиви. Човечки фактор е всушност најважен во целата подготовка што му дава еден уште поголем шарм и вкус на парчето кроасан. Како кога дома, мајките или бабите ќе ни подготвеа на традиционален начин кифлички, не можеш да не ги сакаш“, вели Татјана Танева дел од менаџерскиот тим на Жито пром.

Компанијата годинава се јавува и како генерален спонзор на еден од најстарите детски фестивали во државата Златно славејче, којшто ќе се одржува на 17-ти, 18-ти и 19-ти ноември.

“Станува збор за еден од најстарите манифестации во земјава која има посебно место во подигањето на македонската музика поради што сакавме да го поддржиме. Златно славејче е бренд чија што мисија и приказна кореспондира со онаа на нашата компанија, а под тоа подразбирам приказна на трудољубивост, на работа и на квалитет“, додава Танева.

Жито пром е сместена во близина на Гевгелија и во моментов брои 40 вработени. Долгорочниот план на менаџерскиот тим е насочен кон освојување на странските пазари како и на зацврстување на позицијата на домашниот пазар.