Македонски Телеком и Т – Мобиле со добивка од 303 милиони денари во првото тримесечје

43

telekom

Македонски Телеком и Т – Мобиле крајот на првото тримесечје од оваа година го заокружи со добивка од 303 милиони денари, стои во соопштението на компанијата.

“Македонски Телеком АД-Скопје и Т – Мобиле Македонија ја задржаа водечката позиција на пазарот во првиот квартал од 2015 година и покрај силното пазарно опкружување, покажуваат неревидираните консолидирани финансиски резултати согласно Меѓународните стандарди за финансиско известување (МСФИ). Продолжува трендот на пораст на приходите во интернет и IPTV сегментот, а се намалуваат приходите од говорните услуги“, се наведува во соопштението на компанијата.

Приходите од продажба на ниво на Групација во првото тримесечје изнесуваат 2.473 милиони денари, што претставува намалување од 6,7%, во споредба со истиот период од 2014 година. Оперативните трошоци на крајот од првото тримесечје од 2015 година се намалија за 4,2%, во споредба со истиот период од претходната година. Вкупните капитални инвестиции изнесуваат 112 милиони денари.

Добивката од редовно работење пред оданочување на крајот од првото тримесечје од 2015 година изнесува 345 милиони денари и е намалена за 19,7%, споредено со истиот период од минатата година, што го рефлектира намалувањето на приходите делумно компензирани од помалите трошоци.

На крајот од првото тримесечје, Македонски Телеком остана на лидерската позиција со 63% пазарно учество во сегментот на фиксна телефонија и удел од 50% во делот на широкопојасниот интернет, согласно интерните податоци. Иако приходите од говорните услуги во фиксната телефонија се намалени за 18%, споредено со истиот период од  2014 година, со бројката од 233.000 корисници Македонски Телеком ја задржа водечката позиција на пазарот на фиксни говорни услуги.

Приходите од интернет и дигитална телевизија преку интернет протокол или IPTV на крајот од првото тримесечје од 2015 година се зголемија за 3,9%, во споредба со истиот период од претходната година. Базата на DSL корисници на крајот од првото тримесечје од 2015 година остана стабилна во споредба со истиот период од 2014 година (зголемување за 0,1%), што резултираше со 189.000 корисници.

Македонски Телеком покажа добри резултати со дигиталната телевизија. Бројот на корисници постојано се зголемува, што резултираше со база од 99.000 корисници на IPTV на крајот од првото тримесечје од 2015 година или зголемување од 9,3%, во споредба со истиот период од 2014 година. Со тоа Македонски Телеком ја задржа водечка позиција на пазарот достигнувајќи 23,2% од вкупниот тв пазар, според интерните проценки.

Во мобилната телефонија, приходите од говорни мобилни услуги на крајот од првото тримесечје од 2015 година се намалија за 11,8%, во споредба со истиот период од претходната година, како резултат на намалувањето на тарифите, зголемената конкуренција и намалениот сообраќај од терминирање во мрежа. Трендот на зголемено користење на мобилните услуги продолжи како за говорните, така и за податочните услуги кои се вообичаено опфатени во пакетите. Следствено, како одраз на намалувањето на тарифите и конкуренцијата, просечниот приход по корисник е намален за 8% во споредба со истиот период од 2014 година.

Приходите од неговорни услуги се зголемија за 8,6%, во споредба со истиот период од 2014 година, како резултат на зголемените приходи од мобилен Интернет и поголем податочен сообраќај и зголеменото користење на податочни тарифни модели.

Т – Мобиле Македонија има водечка позиција на пазарот со удел од 46%, согласно интерна проценка. Базата на претплатници на крајот од првото тримесечје од 2015 година изнесува 1.189.000 претплатници и остана стабилна во однос на истиот период од минатата година кога изнесуваше 1.194.000 претплатници.