Македонски Телеком АД-Скопје и Т-Мобиле Македонија ја задржаа водечката позиција и покрај силното пазарно опкружување, покажуваат консолидираните финансиски резултати за првиот квартал од 2013 година, согласно Меѓународните стандарди за финансиско известување (МСФИ). Во првите три месеци од 2013 година продолжува трендот на пораст во интернет и IPTV сегментот, а се намалуваат приходите од говорните услуги.
Македонски Телеком е на лидерското место со 72% пазарно учество во сегментот на фиксна телефонија и во делот на широкопојасниот интернет со удел од 54%, согласно со интерните податоци. Приходите од интернет и од дигиталната телевизија во првиот квартал од 2013 година се зголемени за 2% во споредба со истиот период во 2012 година. Бројот на интернет корисниците е зголемен за 9%, како резултат на фокусот на double и triple play пакетите, што резултира со 176.000 DSL корисници на крајот од март 2013 година.
Македонски Телеком постигна исклучителни резултати и во IPTV сегментот. Во првите три месеци од 2013 година, Македонски Телеком бележи зголемување на бројот на IPTV корисници за 71% во споредба со крајот на март 2012 година, при што се регистрирани 71.000 MaxTV корисници. Зголемувањето на MaxTV корисниците е резултат на ексклузивните содржини, висококвалитетната услуга, интерактивноста, големиот број на канали согласно со потребите на членовите во семејството, како и на единственото ТВ искуство коешто го овозможува кристално чистата слика во HD резолуција.
Во првиот квартал од 2013 година оперативните трошоци се релативно стабилни и се зголемени за 1% споредено со истиот период лани. Приходите на ниво на Групација во првиот квартал од 2013 година се намалени за 9% и изнесуваат 3,1 милијарди денари. Горенаведените движења на страната на приходите и трошоците резултираа со намалување на нето добивката во првиот квартал од 2013 година за 39% споредено со истиот период лани, што резултира со нето добивка од 467 милиони денари.
„Силната пазарна конкуренција и макроекономските услови имаат големо влијание врз нашето работење. Сепак, резултатите покажуваат дека имаме пораст во интернет и IPTV сегментот, области преку кои планираме да ги стабилизираме приходите. Голем потенцијал гледаме во податочните услуги и во зголемената примена на cloud решенијата, коишто претставуваат нови извори на приходи. Иновациите се еден од нашите клучни фокуси во оваа година, како и во иднина. Како резултат на нашите партнерства ќе го прошириме нашиот бизнис со нови иновативни решенија. Се разбира, ќе ја подобриме и нашата ефикасност, сè со цел да ги задоволиме потребите на корисниците и да ги исполниме нашите цели“, вели г-дин Тило Куш, главен извршен директор на Македонски Телеком АД-Скопје и Претседател на Одборот на директори на Т-Мобиле Македонија.
Намалувањето на приходите во мобилната телефонија пред сè е резултат на падот на приходите од говорните малопродажните услуги. Сепак, и покрај острата ценовна војна, со 1,2 милиони корисници на крајот од март 2013 година Т-Мобиле Македонија е лидер во мобилната телефонија, достигнувајќи удел од 48% согласно со интерните податоци.
„Квалитетот на услугите, иновациите и напредната технологија се карактеристики по кои што се издвојуваме на пазарот. Иако конкуренцијата ги користи сите средства за да не стигне, ние не се откажуваме од нашата визија да останеме предводници на технолошките промени, фокусирајќи се на конвергираните услуги, како силен двигател на пазарот. Мобилниот интернет, подобрените услуги и новите апликации од следната генерација, различните решенија базирани на интернет, како и понудата на најнови паметни телефони, остануваат во нашиот фокус. Корисниците од нас ќе го добијат најдоброто комуникациско решение за забава и олеснување на бизнисот“, вели главниот извршен директор на Т-Мобиле Македонија, г-дин Жарко Луковски