Македонски Телеком ќе исплаќа бруто дивиденда во износ од 2,2 милијарди денари

23

telekom

Собранието на Македонски Телеком АД – Скопје на својата годишна седница, одржана на 15.04.2015 година ги усвои Годишната сметка, консолидираната Годишна сметка, ревидираните Финансиски извештаи, ревидираните консолидирани Финансиски извештаи и Годишниот извештај за работењето на Друштвото за 2014 година.

Собранието на седницата усвои Oдлука за распоредување на нето добивката, остварена по Финансиските извештаи на Друштвото за 2014 година, подготвени во согласност со општо прифатените сметководствени принципи во Република Македонија, во износ од 2.262.857.170 денари за исплата на бруто дивиденда. Собранието на седницата ја усвои и Oдлуката за исплата на дивиденда за 2014 година во вкупен бруто износ од 2.262.857.170 денари, односно бруто износ од 26,23 денари по акција (заокружено на две децимали). Македонски Телеком од бруто износот на дивиденда, каде што е применливо, при исплатата ќе ги задржи и уплати сите даноци, согласно важечката даночна регулатива во Република Македонија на датумот на исплата.

Право на дивиденда за 2014 година имаат сите акционери кои ќе бидат евидентирани во Книгата на акционери на Македонски Телеком АД – Скопје на ден 04.05.2015 година. Последен ден на тргување со право на дивиденда за 2014 година е 28.04.2015 година, додека прв ден на тргување без право на дивиденда за 2014 година е 29.04.2015 година. Исплатата на дивидендата за 2014 година ќе се изврши во периодот помеѓу 18.05.2015 и 29.05.2015 година.

Македонски Телеком АД – Скопје ќе ги информира акционерите во врска со деталите поврзани со исплатата на дивиденда, со соодветно известување во најмалку еден дневен весник кој излегува на целата територија на Република Македонија, на интернет страницата на Македонската берза на хартии од вредност, како и на официјалната интернет страница на Друштвото.

На седницата, Собранието одобри склучување на Рамковен договор за заем помеѓу Македонски Телеком и Т – Мобиле Македонија со максимален износ од 615 милиони денари со девизна клаузула по комерцијални услови, со рок на враќање најдоцна до 31.12.2015 година.

Собранието го одобри и работењето на членовите на Одборот на директори на Македонски Телеком за 2014 година, а го усвои и Годишниот извештај за работењето на Секторот за интерна ревизија на Друштвото за 2014 година.

На денешната седница, Собранието ги избра Панче Кралев, Небојша Стајковиќ и  Мелинда Модок за неизвршни членови на Одборот на директори на Македонски Телеком, додека Петер Жом е избран за независен неизвршен член на Одборот на директори, сите со мандат почнувајќи од 15.04.2015 година. Собранието на седницата ја констатираше оставката на Томас Панханс, од позицијата неизвршен член на Одборот на директори на Македонски Телеком, со важност почнувајќи од 15.04.2015 година.