Македонски телеком со добивка од над 489 милиони денари за девет месеци

31

Групацијата Македонски телеком АД Скопје прокнижи нето добивка од 489.919.000 денари во период од први јануари до 30 септември оваа година, покажува неревидираниот консолидиран биланс на успех, објавен на Македонска берза.

Во истиот период минатата година, Телеком оствари нето добивка во висина од 1.566.937.000 денари, што е намалување од 69,1%. Ова, како што се наведува во образложението на групацијата Македонски телеком, е резултат на промените во легислативата за данокот на добивка во 2014 година.

“Данокот на добивка се плаќа во моментот на дистрибуција на дивидендата без разлика на сопственичката структура, повторно воведување на данокот на добика кој се плаќа на добивката пред оданочување како и примената на одложениот данок како резултат на последната промена. Доколку се исклучи ефектот од данокот на добивка во износ од 908.071.000 денари во првите девет месеци од 2014 година нето добивката би се намалила за 14,5% во споредба со истиот период од минатата година“, стои во образложението на групацијата.

Приходите од продажба за девет месеци изнесуваат 8.205.732.000 денари, од кои на домашен пазар се реализирани 7.267.434.000 денари, додека на странски пазари отпаѓаат 938.298.000 денари. Во истиот период лани приходите биле во висина од 9.431.323.000 денари, од кои на домашен пазар се 8.220.044.000 денари, додека остатокот од 1.211.279.000 денари се на странски пазари.