Македонски Телеком со нето добивка од 382 милиони денари во првиот квартал

40

Македонски Телеком АД-Скопје има водечка позиција на пазарот во фиксни говорни услуги во првите три месеци од 2018 година, покажуваат неревидираните финансиски извештаи согласно Меѓународните стандарди за финансиско известување (МСФИ).

Нето добивката за првите три месеци од 2018 година е зголемена за 16% во споредба со истиот период од претходната година и изнесува 382 милиони денари. Приходите од продажба во првите три месеци од 2018 година изнесуваат 2.503 милиони денари, што претставува зголемување за 2,1% (без ефектот од МСФИ 15) во споредба со истиот период од претходната година.

Вкупниот број на пристапи на широкопојасен интернет на крајот од првите три месеци од 2018 година е стабилен и изнесува 187,7 илјади, додека уделот на пазарот на широкопојасен интернет на крајот од првите три месеци од 2018 година е 45,1%, според интерна проценка.

Во однос на ТВ пазарот, Македонски Телеком има 28,6% удел од вкупниот ТВ пазар, според интерна проценка. IPTV (дигитална телевизија преку интернет протокол) услугата, поради високиот квалитет, интерактивноста и уникатното ТВ искуство е добро прифатена на пазарот. Па така, компанијата оствари зголемување на бројот на IPTV корисници (вклучувајќи Magenta 1, 3 Play и други TV услуги) за 7,5% во споредба со истиот период од претходната година, што резултираше со база од 119,1 илјади корисници на крајот од првите три месеци од 2018 година.

На пазарот на мобилната телефонија, компанијата има удел на пазарот од 48,6%, според интерна проценка. Базата на претплатници на крајот од првите три месеци од 2018 година изнесува 1.174 илјади претплатници и е намалена за 4,8% во однос на истиот период од претходната година.

Приходите од говорни мобилни услуги на крајот од првите три месеци од 2018 година се зголемија за 1,9% (без ефектот од МСФИ 15) во споредба со истиот период од претходната година. Ова зголемување главно произлегува од поголемите малопродажни приходи, придвижени од зголемениот сообраќај компензирано со намалениот обем на меѓународен дојдовен сообраќај во терминација.

Меѓународeн стандард за финансиско известување 15 Приходи од договори со корисници.

При изготвувањето на извештаите за работењето на компанијата за првите три месеци од годината, земенa е предвид примената на новиот стандард МСФИ 15 Приходи од договори со корисници. Усвојувањето на стандардот ќе резултира со значителни промени во финансиските извештаи на Македонски Телеком, првенствено во однос на времето на признавање на приходот и во однос на капитализацијата на трошоците за склучување на договор со корисник. Примената на новиот стандард МСФИ 15 Приходи од договори со корисници се бара за годишните периоди кои почнуваат на или по 1 јануари 2018 година.