Македонски Телеком за шест месеци оствари добивка од над 258 милиони денари

47

telekom

Македонски Телеком од први јануари до 30-ти јуни оваа година прокнижи вкупна сеопфатна добивка од 258.924.000 денари, покажува билансот на успех објавен на Македонска берза.

Истото полугодие лани, телекомуникациската компанија прикажа добивка од 548.087.000 денари.

Движењата на приходите и трошоците, како што стои во Образложението, резултираа со намалување на нето добивката за првите шест месеци од 2016 година за 52,7%, во споредба со истиот период лани.

Вкупните приходи од продажба во првите шест месеци од 2016 година изнесуваа 5.091.790.000 денари. Од нив на домашен пазар се реализирани 4.720.191.000 денари, додека на пазари во странство се остварени 371.599.000 денари.

Македонски Телеком, како што се наведува, успеа да ја одржи водечката позиција на пазарот на фиксни говорни услуги со 60,7%. Приходите од говорни услуги во првите шест месеци од 2016 година во фиксниот сегмент се намалија за 10,6% во споредба со истиот период од претходната година поради намалениот број на корисници на фиксна телефонија за 4% и намален појдовен сообраќај за 19,1%, како и помали приходи заради помал обем на дојдовен меѓународен сообраќај.

На пазарот на мобилната телефонија, компанијата има удел на пазарот од 48,3%. Базата на претплатници е зголемена за 3,5% во однос на истиот период лани. Во однос на ТВ пазарот, Македонски Телеком има 25,3% удел од вкупниот ТВ пазар во Македонија.