Македонски Телеком за три месеци прокнижи добивка од над 250 милиони денари

40

telekom

Македонски Телеком, во период од први јануари до 31-ви март оваа година, оствари вкупна сеопфатна добивка во висина од 250.491.000 денари, покажува билансот на успех објавен на Македонска берза.

Истото тромесечје во 2015 година, телекомуникациската компанијата го заврши со добивка од 302.552.000 денари.

“Движењата на приходите и трошоците резултираа со намалување на нето добивката за првите три месеци од 2016 година за 17,2% во споредба со истиот период од претходната година, што резултираше во нето добивка од 250.491.000 денари“, стои во Образложението за работењето на компанијата, објавено на Македонска берза.

Приходите од продажба во првите три месеци од 2016 година изнесуваат 2.480.823.000 денари што, како што стои во Образложението, претставува благо зголемување во споредба со истиот период од претходната година.

“Македонски Телеком успеа да ја одржи водечката позиција на пазарот на фиксни говорни услуги со 61,2% (интерна проценка), односно 221.000 корисници на крајот од првите три месеци од 2016 година… На пазарот на мобилната телефонија, компанијата има удел на пазарот од 47,9% (интерна проценка). Базата на претплатници на крајот од првите три месеци од 2016 година изнесува 1.218.000 претплатници и е зголемена за 2,4% во однос на истиот период претходната година, кога изнесуваше 1.189.000 корисници“, стои во Образложението.

Вкупните капитални инвестиции на крајот од првите три месеци од 2016 година изнесуваат 176.614.000 денари.