Две македонски вина на винаријата Стоби освоија златни медали на винскиот натпревар Вино Љубљана, којшто се одржа пред десетина дена во главниот град на Словенија, стои во соопштението.
Тие триумфираа во конкуренција на 430 вина од 19 држави меѓу кои и од Италија, Шпанија и Аргентина. Црвените вина Вердот од 2012 година и Веритас од 2013 од линијата приватна резерва беа меѓу најдобрите на настанот којшто се смета за најстар вински натпревар во светот. Наградите беа доделени врз основа на гласовите од 48 вински критичари од 15 земји.
Веритас доби златен медал и на ланското издание на Вино Љубљана. Станува збор за вино со темна рубин боја богато со природни шеќери и со специфичен ароматски комплекс. Вердот од 2012 година беше оценето како богато и одлично избалансирано вино, освојувајќи 86,80 поени од севкупни 100. Вердо и Веритас се дел од линијата приватна резерва и го претставуваат најдоброто од најдоброто креирано од стручниот тим на Стоби. Двете вина се созреани во дабови буриња.
Стоби со вината од оваа нова линија приватна резерва изминатиот период учествуваа и триумфираа на повеќе натпревари низ целиот свет како Мундус вини во Германија, BIWC (The Balkans International Wine Competition), Декантер и многу други.
Винаријата Стоби произведува висококвалитетни вина кои на пазарот исклучиво ги пласира во шише. Годишно произведува вкупно 4,5 милиони литри вино, од кои најголемиот дел, односно 75% се пласираат на 20 странски пазари. Овој факт ја прави винаријата Стоби втор најголем извозник на вино во шише од Македонија. Токму поради продажните бројки кои бележат нагорен тренд од година во година, во план е проширување на производните капацитети на винаријата во следниот период.