Македонскиот активен туризам се промовира на престижниот Lonely Planet

53

Со двеминутно промотивно видео, Република Северна Македонија е претставена како врвна дестинација за активен туризам во престижниот туристички информатор Lonely Planet.

Видеото, кое беше премиерно објавено оваа недела, е дел од посебна секција наречена Daydreaming during Covid – секција во која авторитет во туристичката индустрија ја инспирира својата милионска публика од цел свет да посетат различни дестинации, вклучително и Северна Македонија.

Нашата земја во промотивното видео открива активности во недопрена природа, каде луѓето можат да бидат заедно, а сепак на безбедна дистанца, високо во планините или длабоко под водата, искусувајќи го адреналинот и храната, ветрот при едрење или брзината при кајакарење, не изоставајќи ја можноста при тоа да се посетат историските знаменитости, лозови насади, неоткриените села…со една и единствена порака: Најди ја сопствената авантура! #alliNMacedonia.

Видеото е подготвено од Агенцијата за промоција и поддршка на туризмот (АППТ) во соработка со Програма за зголемување на пазарната вработливост – ИМЕ, поддржана од Швајцарската агенција за развој и соработка. Истото претставува сиже од 10-те промотивни видеа кои АППТ и ИМЕ ги подготвија во рамки на кампањата „Дома си е дома” и каде се претставени 10 туристички дестинации со конкретни активности и производи како дел од активниот туризам (планинарење, велосипедизам, спортско качување, параглајдинг итн.), во комбинација со културни искуства, рурални предели и гастрономија.

Целта на кампањата Дома си е дома е да ги поттикне домашните туристи да поминат активен одмор во домашните дестинации, а до тоа да се придонесе за поддршка на домашните чинители во туризмот (туроператори, сместувачки капацитети, ресторани, превозници итн.) и поддршка на домашната економија, како одговор на кризата предизвикана од Ковид-19.

Со ова видео, Република Северна Македонија за првпат се појавува со самостојна објава на престижниот Lonely Planet. До сега, неколку пати сме биле дел од нивни едиторијали и топ-листи заедно со други дестинации од регионот и пошироко. Пред неколку месеци, Северна Македонија се најде и на нивната топ листата на 10 најдобри дестинации за посета во 2020:

Како што пишува Lonely Planet: “…Република Северна Македонија е реномирана гастро дестинација и со отпочнување на нови авионски рути, нуди бројни причини за да се истражи. Очекувајте WOW вредни локации за пешачење низ драматични врвови и недопрени природни чуда“.

Овие активности се дел од заедничките напори на АППТ и програмата ИМЕ за поддршка и промоција на туризмот во РС Македонија и претставување на земјата како врвна дестинација за активен туризам пред домашните и странските гости. Очекувањата за наредната 2021ва година е активниот туризам да биде во фокусот на домашните и странските туристи, што ултимативно ќе помогне за развој на малите бизниси и креирање на нови работни места, помагајќи и на туристичката индустрија да постигне повисок степен на самоодржливост