Македонскиот старт-ап BuzzBase на Webit конгресот во Истанбул

22

buzzbase

Македонскиот старт-ап BuzzBase има шанса да влезе во финалето на дводневниот глобален Webit конгрес, кој оваа година се одржува во Истанбул, Турција, на 1-2 октомври.

BuzzBase е прва платформа за дистрибуција на содржина која во фокус го има споделувањето на вирална содржина на социјалните медиуми. Преку BuzzBase корисниците на социјалните мрежи се во интеракција со компаниите и брендовите, при што корисниците можат да заработат, а огласувачите да добијат вирална содржина. Контролата ја имаат т.н. “базери”, кои самите бираат што да објават и да заработат на основа на своето влијание – според бројот на лајкови, коментари, ретвитови и кликови на објавената содржина. Со BuzzBase брендовите можат да допрат до поголема публика, односно да ги таргетираат своите кампањи на влијателните корисници.

“BuzzBaze е платформа која е креирана по светски стандарди и практики. Македонија е појдовна точка, а крајната цел е ширење на сервисот на големи, развиени пазари”, вели Дарко Булдиоски, основач на BuzzBase.

Webit конгресот е глобален настан за дигиталната и технолошка индустрија. Се очекува настанот да го проследат околу 10.000 посетители од 110 земји. На листата говорници и присутни се топ менаџери и директори од Apple, PayPal,Google, Facebook, Yahoo!, Unilever, Stripe, Seamless, Ubuntu, Coursera, Nissan, Amazon, IBM, Yandex, Qualcomm, Cisco, Akamai и многу други.

На конгресот во Истанбул, како полуфиналисти, македонските претставници ќе имаат штанд за промоција на својот производ. Во категоријата Founders Games, во која учествува и македонскиот старт-ап, аплицираа рекордни 1.674 стартапи од целиот свет, од кои 200 добија штандови за презентација. Во финалето ќе влезат 25 стартапи, 20 по избор на судиите и пет според бројот на гласови. Финалистите ќе имаат презентација пред 400 инвеститори и 300 медиуми. Наградата е еден милион евра во маркетинг.

За да ги поддржите BuzzBase за влез во финалето, гласајте на следниот линк: http://webitcongress.com/founders-games/startup.php?id=731.