Македонските сирења претставени на меѓународниот фестивал Cheese 2013

70

На четиридневниот биенален меѓународен фестивал на сирење Cheese 2013, кој се одржа во градот Бра во северна Италија, Македонија се претстави со Галичкиот и Лазарополскиот кашкавал и сирењето од Бистра.

Во Улицата на президиумите, кои се заштитени производи на Slow food, беа претставени голем број президиуми на сирења од целиот свет.

Во рамки на фестивалот се одржаа и програми за деца кои вклучуваа едукативни работилници за храна. Според проценките, оваа година настанот го посетиле 250.000 посетители.

Тема на годинешниот настан беше Save a cheese (Зачувај сирење). Имено, посетителите требараше да донесат сирење кое би сакале да го спасат од исчезнување со негово додавање на листата на номинации за Арка на вкусот, што во суштина претставува каталог на производи загрозени од исчезнување кои Slow food ги заштитува. Така, на овој начин, годинава беа предложени 250 видови сирење.

“Настанот овозможи посета на пазари на сирење, работилници за вкус и конференции и овозможи на едно место да се сретнат малите производители, експертите за млеко и млечни производи и фармерите. Ова беше можност за учество на македонски експерти на Конференција за хигиенска регулатива за производство на сирења на ЕУ и нејзина адаптација во земјите на Балканот. Низ шаторите, различните сали и простори распоредени низ улиците на центарот на овој историски град, посетителите имаа несекојдневна можност да вкусат сирења и млечни производи од сите краишта на светот, а Македонија во организација на Slow food Македонија пред светската публика го претстави Президиумот Маврово-Река, со што посетителите имаа можност да се сретнат со уникатните вкусови на Галичкиот и Лазарополскиот кашкавал и сирењето од Бистра”, се вели во денешното соопштение од Slow food Македонија.

За време на настанот низ улиците на Бра можеше да се проба улична храна, да се дегустираат вина, да се посетат голем број различни курсеви за храна, да се пие кафе во специјалните книжевни кафулиња низ саемот, да се едуцира за секој аспект на храната, прехрабените суровини и пијалоците.

Меѓу другото имаше и промоција на проектот ЕССЕДРА во кој се вклучени земјите од Балканот (Албанија, Босна и Херцеговина, Бугарија, Македонија, Романија, Србија, Хрватска), Турција и Европскиот форум за заштита на природата и пасторализам како партнер на овој проект.

Презентацијата на проектот беше направена преку конференција на која се изврши дегустација на сирења од Балканот, при што Македонија се претстави со уникатното Биено сирење.