Македонските вина промовирани во Кина

25

vino kinaНа саемот за промоција на вино и пијалоци Интервине што се одржува во кинескиот градот Гуанџоу од 30 мај до 1 јуни, се презентираат вкупно 11 винарски визби од Македонија.

На десеттото издание на Саемот, на заеднички павиљон се презентираат винариите Тиквеш, Стоби, Сковин, Далвина, Попов, Бовин, Камник, Дудин, Езимит, Имако и Попова Кула, соопшти Министерството за земјоделство.
Заедно со виното, на овој саем се презентираат и туристичките и инвестиционите потенцијали на Македонија.
Министерство за земјоделство, шумарство и водостопанство согласно програмата за поддршка на извозот на македонски производи обезбеди финансиска поддршка за простор и штанд од 120 метри квадратни за македонски компании производители на вино. Во организација на саемот се вклучени Агенцијата за странски инвестиции и промоција на извозот на Република Македонија, Агенцијата за поддршка на туризмот  и Здружението Вина од Македонија, како и македонската Амбасадата во Кина.
Во рамките на саемот е предвидена дегустација на македонските вина од сортата Вранец која ќе ја води реномиран сомелиер, прес конференција и презентација за Македонија како туристичка и инвестициона дестинација за љубителите на вино.

На натпреварот за вино кој се одржа во рамките на Саемот учествуваа 130 вина од 20 земји од светот. Наградени беа македонските вина: Вранец Веритас 2011 од винаријата Стоби за најдобро црвено вино, како и виното Дисан 2010 од винарија Бовин за најдобро оценето вино во категорија најдобар сооднос на цена и квалитет.
Признание за Најдобар стратешки партнер на овогодинешното издание на Саемот Интервине беше доделено на Агенцијата за странски инвестиции и промоција на извозот на Република Македонија.

Ова е најголемиот саем во областа Гвандонг, јужна Кина на кој своите вина ги презентираат повеќе од 500 изложувачи од 20 земји од светот и истиот привлекува повеќе од 20.000 увозници и дистрибутери на вино од цела Кина.