Македонско – британска компанија доби 500.000 долари од South Central Ventures и неколку инвеститори

37

cognism

Регионалниот фонд South Central Ventures (Enterprise Innovation Fund – ENIF) заедно со неколку инвеститори вложи 500.000 долари во македонско – британскиот старт – ап Cognism.

“Добивањето на овие средства е многу важен чекор за нас. Во следните неколку месеци ќе инвестираме во развој на нашиот производ за да може да го подобриме корисничкото искуство, како и развој на нашите капацитети за прибирање на неопходните податоци, развој на нашата база преку стратешко партнерство и претставување на Cognism до поголем број продажни тимови“, изјави Џејмс Исилеј, главен и извршен директор на стартапот.

Овој старт – ап се занимава со развој на алатки што им помагаат на компаниите да ја подобрат својата продажба. Станува збор за развиена платформа што ги нуди неопходните податоци за поддршка на тимовите за продажба на компаниите.

Ова е прва инвестиција на SCV, којашто се реализира заедно со швајцарскиот старт – ап Netcetera, кинескиот Tsingbay Venture Capital и други помали инвеститори.

Досега South Central Ventures инвестираше во неколку регионални стартапи. Првата инвестиција беше во висина од 300.000 евра за новосадската софтверска платформа за алатки за програмери Drytools, потоа беа доделени 700.000 евра на City Expert, српски старт – ап за успешно воведување иновации на пазарот на недвижности. Инвестиција од еден милион евра доби и хрватскиот старт – ап за напредни агротехнолошки софтверски решенија Agrivi. По нив, следеше инвестиција од 100.000 евра во македонскиот старт – ап Letz, компјутерска програма којашто им помага на корисниците во извршување на дневните задачи за зголемување на продуктивноста. Најновата инвестиција од два милиони евра неодамна ја доби хрватскиот старт – ап Bulb Technologies.

South Central Ventures, менаџер на ENIF фондот, располага со 40 милиони евра за инвестирање на иновативни компании од: Македонија, Косово, Албанија, Србија, Црна Гора, Хрватска и Босна и Херцеговина.

South Central Ventures има канцеларија и во Скопје.