Македонско-бугарската стопанска комора и Југоисточниот плански регион потпишаа меморандум

38

Македонско-бугарската стопанска комора потпиша меморандум за соработка со Југоисточниот плански регион во рамки на проектот Регионален бизнис центар.
Зоре Темелковски, претседателот на македонско-бугарската стопанска комора, истакна дека со потпишувањето на меморандумот се отвора нов видик за побрз проток на европскиот капитал во единиците за локална самоуправа, како и кај бизнисмените.
„Ова е само еден дополнителен мотив за запознавање на бизнис заедницата со авторитетите на локалната власт“, рече Темелковски.
Ванчо Стојанов, претседателот на Советот на Југоисточниот плански регион, додаде дека потпишувањето на овој меморандум значи чекор напред во однос на соработката и унапредувањето на економскиот развој во регионот, како и на соработката меѓу малите и средни претпријатија од Македонија и Бугарија.
Според градоначалникот на Гевгелија, Иван Франгов, меморандумот ќе овозможи полесен пристап и достапност на македонските стопанственици до информации и до поддршка во развојот на нивните бизниси.
Покрај потпишувањето на меморандумот, денеска беше промовиран и проектот Регионален бизнис центар, кој претходно беше формиран од општина Гевгелија во локални рамки.