Македонско-грчки бизнис форум

20

Во Атина на 17 декември за првпат ќе се одржи грчко-македонски економски-бизнис форум.

Форумот е во организација на Атинската Комора за трговија и индустрија (ЕБЕА) и македонската Агенција за странски инвестиции и промоција на извозот и Стопанската комора на Македонија, со помош од министерствата за надворешни работи на двете земји.

Целта на форумот ќе биде да се истражи потенцијалот за понатамошен развој на трговската размена меѓу двете земји. Подготовките се во тек, а се очекува настанот да привлече голем интерес за учество на фирми од двете земји.

Во прилог на оваа информација грчките медиуми додаваат дека според македонскиот Завод за статистика, Грција во моментов е втор по големина трговски партнер на нашата земја. Во првите девет месеци од 2013 година обемот на трговската размена меѓу двете земји изнесувал 662 милиони долари. Извозот од Македонија во Грција во тој период изнесувал 163 милиони долари, додека увозот од Грција изнесувал 499 милиони долари.

Форумот во Атина е прв од ваков тип, но не и прва средба на бизнисмените од двете земји. Македонско-грчки деловни форуми до сега се одржани со стопанските комори на Солун и Халкидики.