Македонско – полски бизнис форум

21

Во рамки на посетата на полскиот претседател Бронислав Коморовски на Македонија, вчера во Скопје се одржа Македонско – полски бизнис форум, што претставува значителен чекор кон продлабочување на односите помеѓу двете држави.

Форумот беше организиран од страна на Агенцијата за странски инвестиции и промоција на извозот на Македонија и Министерството за Економија на Полска во соработка со стопанските комори.

На настанот се обратија Претседателот на Република Македонија, Ѓорѓе Иванов и Претседателот на Република Полска Бронислав Коморовски, како и Директорите на Агенциите за привлекување странски инвестиции Invest in Macedonia, и Invest in Poland.

Претседателот Иванов потенцираше дека Полска е важен трговски партнер за нашата земја и ги поттикна присутните да ги зајакнат меѓусебните контакти и контактите со надлежните институции од Македонија и Полска во насока на подобрување на соработката и зголемување на извозот.

Висар Фида, директорот на Агенцијата за странски инвестиции се осврна на меѓусебната соработката во изминатиот период.

“Во изминатиов период имавме посети на успешни полски компании од типот на Barlinek, Organika, LPP, во тек се неколку  инвестициски проекти од текстилната и автомобилската индустрија, исто така беа организирани успешни Б2Б настани за извоз на македонски земјоделски производи и вино, и да не заборавиме на значителното зголемување на бројот на полските туристи во Македонија, што очекуваме посебно да се одрази во статистиката за 2013 година”, изјави Фида.

Претседателот на Полска пристигна заедно со бизнис делегација од најголемите полски компании од повеќе индустрии, металургија, одбрана, градежништво, прехранбена индустрија и производство на мебел, кои беа дел од форумот.

За време на бизнис форумот се одржаа и Б2В средби помеѓу македонските и полските компании, на кои македонските компании имаа можност да остварат значајни директни контакти со полските компании и со тоа да започнат успешна деловна соработка.