Сојузот на стопански комори (ССК) денеска организира Македонско – украински бизнис форум на кој ќе присуствува висока официјална и бизнис делегација од Стопанската комора за трговија и индустрија на Украина, пишува Миа.
Целта на форумот е подобрување на економската соработка меѓу двете земји, остварување директни контакти со компаниите од Украина во насока на креирање можности за воспоставување конкретни деловни односи, како и зголемување на продажбата на домашните производи и услуги.
Присутни ќе бидат претставници на украински компании од автомобилскиот сектор, производството на сточна храна и соја, медицината, градежништвото, енергетиката, производството на јаглен, официјални претставници на ССК, како и претставници на македонскиот бизнис сектор.
Според агендата на форумот, обраќања треба да имаат заменик – претседателот на ССК Драган Митковски и претседателот на Стопанската комора за трговија и индустрија на Украина Чижиков Генадиј Дмитриевич, а ќе биде потпишан и меморандум за соработка.