Македонско – унгарски бизнис форум

26

znaminjaВо организација на Агенцијата за странски инвестиции и промоција на извозот на Македонија и Унгарската Aгенција за странски инвестиции вчера во Скопје се одржа Македонско – унгарски бизнис форум.

На форумот свое обраќање имаа премиерите на двете земји Никола Груевски и Виктор Орбан, како и директорот на Македонската агенција за странски инвестиции и потпретседателот на Унгарската агенција за странски инвестиции.

Во своето обраќање директорот на Агенцијата за странски инвестиции и промоција на извозот на Македонија, Висар Фида изјави дека форумот е плод на одличните трговски и инвестициски односи меѓу Македонија и Унгарија.

Во мај оваа година беше потпишан Меморандум за разбирање помеѓу Агенцијата за странски инвестиции и промоција на извозот на Република Македонија и Унгарска агенција за инвестиции и трговија, со цел да се зајакнат билатералните односи помеѓу Република Македонија и Унгарија.

“Оттогаш двете земји со сите свои заложби ги промовираат и унапредуваат трговските и инвестициските односи и овој денешен форум и Б2Б настан е плодната соработка. На овој форум околу дваесет фирми од градежниот сектор, машинската индустрија, телекомуникациите и финансиите ќе се сретнат со исто толкав број македонски фирми”, изјави директорот на Агенцијата за странски инвестиции и промоција на извозот на Македонија, Висар Фида.

Тој додаде дека во изминатава година имало зголемен број на посети и можни проекти од фирми кои потекнуваат од Унгарија како и мултинационални компании со седиште во Унгарија.

“Поконкретно, една од заинтересираните компании бара локација за погон за преработка на зеленчук и овошје. Друга компанија од автомобилскиот сектор ја посети Македонија барајќи партнер за заедничко вложување”, истакна Фида.

На овој настан ќе се официјализираат соработките помеѓу Водовод на Будимпешта и Општина Охрид со потпишување на Меморандум за разбирање и соработка, и ќе се потпише стратешки туристички договор помеѓу Atlasz World Travel од Унгарија со 3 Тур-Оператори од Македонија.

Фида истакна дека очекува одлични резултати и уште подобра соработка во иднина.

Форумот се одржа како резултат на потпишаниот Меморандум за соработка помеѓу Агенцијата за странски инвестиции и промоција на извозот на  Македонија и Агенцијата за странски инвестиции на Унгарија.