Македонското вино како најдобар бренд амбасадор на Македонија

63

Македонските винарии ја започнаа успешно 2020-та година со освојување на рекордни 42 награди на Mundus Vini, велат од Здружението Вина од Македонија.

На овогодинешното пролетно оценување на престижниот натпревар за вино Мундус Вини, којшто по 26-ти пат се одржа во Нојштад, Германија во периодот од 18-ти до 23-ти февруари 2020 година, 268 експерти за вино од 54 земји оценуваа околу 7.500 вина кои потекнуваат 45 земји.

Македонските вина забележаа значителен успех со вкупно освоени 42 награди од кои 29 златни медали и 13 сребрени. Ова преставува своевиден рекорд за македонските вина во освоени награди на поединечен натпревар за вино, каде што скоро 70% од регистрираните вина од нашата земја се закитија со медал. Со најголем број на освоени награди се закитија земјите од стариот вински свет: Италија, Шпанија, Франција, Португалија и Германија.

Во насока на промоција на винската индустрија од земјата, Здружението Вина од Македонија во рамките на Мундус Вини на 22.02.2020 организираше Мастерклас презентација за македонските вина со фокус на вина од сортата Вранец, пред повеќе од 140 вински судии од цел свет. Овој настан, кој беше и финансиски поддржан од Министерството за земјоделство преку Програмата за Рурален развој 2020, беше оценет како една од најдобрите презентации на нашето вино на интернационалните пазари.

На натпреварот, 10 македонски винарии освоија награди меѓу кои:

Винарија Далвина со девет златни и два сребрени медали преставува најуспешната македонска винарија, којашто покрај освоените четири златни и еден сребрен медал за своите линии Hermes, Dioniz  и Ar-Makedon, освои и пет златни и еден сребрен медал за вината од линијата Touch. којашто е приватна  марка за хрватската компанија WINE BUSINESS d.o.o., Zagreb. Виното Touch Premium Merlot од берба 2017 беше прогласено и за Best of Show Macedonia.

Винарија Стоби освои шест златни и еден сребрен медал пред сè за вината од линијата Private Reserve, а дополнително оваа винарија доби признание и за Best Producer Macedonia. Винарија Камник се закити со пет златни и еден сребрен медал за вината од линиите Ten Barrels, Signature, Winemaker’s selection и Cuvee de Prestige, како и новото вино од линијата Heritage за соратата Каберне Совињнон 2016.

Винарија Тиквеш со освоени четири златни и три сребрени ја продолжи низата на најнаградувана македонска винарија во изминатите години. Врвните вина од премиум брендот на Тиквеш Tikveš Châteaux & Domaines од Domain Barovo и Domain Lepovo се закитија со златни и сребрени медали, а сребрен медал освои и француското вино Terrasse à l’Ombre 2018 од Château de Gourdon, којашто е под истиот бренд.

Винарија Попов, исто така, се најде на листата на наградени винарии со освоени две златни и две сребрени медали. Со златни медали од оваа винарија се закитија Vrshnik Pinot Gris 2018 и Cuvée Prestige од берба 2017. По еден златен медал освоија вината од Винариите Венец, Сопот и Лазар, а со сребрени медали се закитија и три вина на Винарија Бовин и две вина на Винарија Имако.

Радува фактот што 15 вина од македонските вина се со освоени награди за 100% вино од соратата Вранец, а 10 вина се купажи од  Вранец со други сорти. Вранецот е сортата на вино преку која македонските винарии и Здружението Вина од Македонија го градат брендот и имиџот на македонското вино на интернационалните пазари. Нашата земја располага со најголеми површни на лозови насади кои достигнуваат скоро 11.000 хектари, што преставува близу 40% од вкупниот број на лозови насади во нашата земја.