Макпетрол за девет месеци евидентираше добивка од 622,2 милиони денари

23

Макпетрол од први јануари до 30-ти септември оваа година работеше со добивка во висина од 622.226.000 денари, покажува билансот на успех објавен на Македонска берза.

Во текот на деветте месеци од минатата година, компанијата прикажа вкупна сеопфатна добивка во висина од 201.848.000 денари.

“Друштвото оствари позитивни финансиски резултати искажани преку добивка пред оданочување во износ од 676 милиони денари, односно добивка по оданочување во износ од 622 милиони денари, којашто е три пати поголема од остварената добивка минатата година, кога изнесуваше 201 милион денари“, стои во Образложението за настанатите значајни промени во финансискиот резултат.

Како основни причини за остварената добивка, во Образложението, се наведуваат: зголемената продажба на енергенси во малопродажбата; трендот на пораст на прометот на малопродажните објекти; зголемување на приходи од продажба на странски пазар за 40%; зголемување на оперативната добивка за 226%; зголемување на приходи од вложувања, камати и курсни разлики во однос на истиот период лани за 69%; зголемување на останатите оперативни приходи за 47% и негативно влијание врз остварената добивка е најизразено кај зголемувањето на расходите за вредносно усогласување на тековните и нетековните средства, како и кај расходите по основ на камати.

Вкупните приходи од продажба на Макпетрол, заклучно со 30-ти септември оваа година, изнесуваат 16.147.708.000 денари. Реализацијата на домашен пазар имаше вредност од 15.314.918.000 денари, додека на пазари во странство достигна 832.790.000 денари.