Макстил со добивка од 242,6 милиони денари во првата половина од годината

392

Макстил првото полугодие од 2021-ва година го заврши со добивка од 242.688.000 денари, стои во билансот на успех објавен на Македонска берза.

Во првите шест месеци од минатата година, добивката на компанијата беше 40.988.000 денари.

“Оствареното производство на дебели лимови во првото полугодие на 2021 во производниот погон Валавница изнесува 126.193т. што споредено со 115.465т. во истиот период на 2020 претставува зголемување од 9,3%, додека во однос на поставениот производен план за првото полугодие од годинава (130.297т.) претставува намалување од 3,1%. Оствареното производство на сопствен челичен полуфабрикат, челичански слабови во извештајниот период е 149.593 тони што споредено со 73.646 тони во 2020 претставува двојно зголемување, додека во однос на планираното производство за годината (148.700 тони) претставува зголемување од 0,6%“, стои во Образложението кон финансиските резултати.

Реализацијата  на топловаланите дебели лимови во количински показатели за првите шест месеци од годинава изнесува 139.951 тони, што споредено со 122.747 тони првото полугодие од минатата година претставува зголемување од 14%.

Во извештајниот период, како што се наведува во Образложението, се остварени приходи од работење во износ од 2,97 милијарди денари, од кои приходите од продажби како носечка ставка во структурата на вкупните приходи учествуваат со дури 98,7%. Споредено со истиот период од 2020 остварените приходи од работењето (2,22 милијарди) се повисоки за 33,7%.

Покрај разликата во испорачаните количини и поповолните ценовни односи, во извештајниот период е евидентна и разлика и во структурата на испораките во полза на поголемо учество на сопствените продажби за сметка на испораките по основ на договори за преработка. Останатите деловни приходи во првото полугодие на оваа година изнесуваа 30,2 милиони денари, споредено со истиот период од минатата година кога беа во износ од 22,8 милиони денари што воглавно се должи на наплатена штета од осигурување на основни средства.

“И во текот на првата половина од 2021 година реализирани се инвестициони активности за одржување во кондиционата спремност на инсталираната опрема и производните линии, како и за подобрување на безбедноста при работа во износ од 87,6 милиони денари. Макстил во текот на овој период се стекна со право на сопственост на 108.801 метри квадратни градежно земјиште (79.201 метри квадратни земјиште под зграда и 29.597 метри квадратни градежно изградено земјиште). Градежното земјиште беше откупено од Р.Северна Македонија во соодветна постапка согласно одредбите од Законот за градежно земјиште.