Мал пораст на европските берзи додека инвеститорите чекаат нови економски податоци

Европските берзански индекси денес се малку повисоки, како и цените на нафтата, златото и пченицата, додека инвеститорите ги чекаат конечните податоци за францускиот бруто домашен производ, информации за вработеноста во Франција и Германија, како и белешки од мајскиот состанок на американската централна банка ФЕД.

Инвеститорите од двете страни на Атлантикот ќе ги следат и заработките на американскиот гигант за производство на чипови, Nvidia, за првиот фискален квартал, кои ќе бидат објавени вечерва по затворањето на американските берзи.

Индексот DAX на Франкфуртската берза порасна за 0,04 проценти на 24.266,59 поени денес во 9:15 часот, лондонскиот FTSE 100 за 0,19 проценти на 8.794,06 поени, францускиот CAC 40 за 0,13 проценти на 7.836,26 поени, московскиот MOEX за 0,95 проценти на 2.762,69 поени.