Малезија планира да го забрани извозот на технолошки минерали: Сакаме да го задржиме целиот синџир во нашите граници

19

Малезија планира да го забрани извозот на технолошките минерали и да ја развие домашната индустрија која ќе го опфати целиот синџир на вредности, изјави премиерот Анвар Инбрахим.

Технолошките минерали се важна сировина за производи како чипови, ласери и магнети во електричните возила, турбините на ветер и потрошувачката електроника. Во јавноста се познати како „ретки минерали од Земјината кора“.

Малезија има само 30.000 метрички тони резерви од тие метали, според податоците од Геолошкиот извештај на САД од 2019, само парче во глобални размери. Најголемите се во Кина, каде според некои проценки достигнуваат 44 милиони тони.

Владата ќе го поддржи развојот на домашната индустрија на технолошки минерали, изјави Анвар, додавајќи дека таа забрана „ќе гарантира максимална заработка“ на Малезија.

Во моментов не е јасно извозот на кои метали Малезија планира да го забрани ни кога забраната би стапила на сила.

Секторот на технолошки минерали би требало на малезискиот БДП во 2025 година да му донесе дури 9,5 милијарди рингити (2 милијарди долари) и да отвори речиси седум илјади работни места, истакна премиерот во парламентот.

„Ќе почнеме со изработка на детални мапи на извозот на ретките минерали и ќе смислиме сеопфатен деловен модел кој ќе вклучува истражување и вадење, преработка и продажба за да го задржиме синџирот на вредноста во своите граници“, кажа тој.

Најавата на малезискиот премиер го привлече вниманието на западните земји кои трагаат по нови извори на набавка за да ја намалат зависноста од Кина, најголемиот произведувач.

Австралиската компанија Линас реар ертс, најголемиот произведувач на технолошки метали надвор од Кина, во Малезија има погон за преработка на концентрати кои ги добива од Австралија.

Малезија го ограничи работењето на австралиската компанија, тврдејќи дека процесите на дупчење и плакнење го кренале нивото на радијацијата. Линас ги негира обвинувањата.