Малите и средни бизниси сакаат да финансираат добри проекти со кои ќе бидат поконкурентни

71
martin
Мартин Димитриевски, советник за бизнис клиенти во ПроКредит банка

ПроКредит банка на македонскиот пазар е присутна од 2003 година, со специфична развојна мисија – поддршка на мали и средни претпријатија кои би требало да се развиваат и да го овозможат основниот економски развој во земјата. Според Мартин Димитриевски, советник за бизнис клиенти во Банката, малите и средни бизниси кои сакаат да растат и да се развиваат, дефинитивно се расположени да финансираат добри проекти кои би им овозможиле нови пазари, поголема ефикасност во работењето или воведување на новини со кои би добиле конкурентска предност.

БИ: Вашиот фокус се малите и средни претпријатија. Дали постои расположение кај овие бизниси за земање кредити и за што најчесто ги користат средствата?

Малите и средни бизниси кои сакаат да растат и да се развиваат, да преминат во една понапредна фаза се дефинитивно оние кои се расположени да финансираат добри проекти кои би им овозможиле нови пазари, поголема ефикасност во работењето, воведување на новини со кои би добиле конкурентска предност. Таквите се заинтересирани за инвестиции на подолг рок кои би придонеле за очекуваниот раст на бизнисот. Има и претпријатија кои своето работење го помагаат и со користење на краткорочни кредити за ликвидност. На еден интелигентен начин успеваат да ги усогласат финансиските текови во бизнисот – временската разлика помеѓу приливите и одливите што им овозможува конкурентска предност. На пример, со користење на кредитна линија еден бизнис може да добие на флексибилност и на поголема преговарачка моќ кај добавувачот. Со однапред одобрените средства и флексибилноста на користење, можат да набават поголема количина на стока однапред и да добијат поголем рабат. Дополнително при непредвидени ситуации – неочекувани трошоци за поправки на машини или непланирани набавки, бизнисот нема да го оптерети тековното работење. Ваквиот начин на управување со средствата не значи дека бизнисот е во недостаток на капитал, туку дека успешно ја прилагодува динамиката на работење.

БИ: Колку добро знаат бизнис клиентите каков извор на финансирање да искористат за соодветната намена на инвестицијата што ја планираат? Каде најчесто грешат? Дали Вие ги насочувате и им помагате при изборот?

2Токму нашата развојна мисија која ја споменавте на самиот почеток значи и одговорност и советодавна улога кон секој еден клиент во однос на финансирањето кое го прави со наша помош. Нашиот пристап е преку заеднички дијалог и детална анализа да ги утврдиме токму оние работи кои нема да го презадолжат бизнисот, туку ќе му овозможат здрава основа за развој. Банката користи специфична кредитна технологија и токму затоа нивото на нефункционални кредити (кои не можат клиентите да ги отплатат) е 2,59% од вкупното портфолио, далеку под нивото на банкарскиот сектор од 11,51 %.

Од нашето досегашно искуство проблемите потекнуваат најчесто од несоодветното усогласување на изворите на финансирање со намената на тие средства. Практично кажано, бизниси кои своите долгорочни инвестиции (машини, објекти, опрема) ги финансираат со краткорочни кредити (со рок на отплата пократок од 3 години), најчесто ратата е преголема за да се сервисираат обврските со месечниот профит, да се набават материјали и да се подмири тековното работење, со што бизнисот го намалува својот обртен капитал. Долгорочно ова сериозно може да го загрози бизнисот и да доведе до згаснување на самиот бизнис.

БИ: Познати сте како банка што не поддржува кредитирање на проекти што влијаат негативно на животната средина. За какви принципи станува збор?

Сите банки што и припаѓаат на ПроКредит Групацијата (во Европа, Африка и Латинска Америка), применуваат високи стандарди во поглед на влијанието на нивното работење врз животната средина. ПроКредит банките заземаат пристап кон предизвиците на животната средина преку три основни насоки: 1) преку својот интерен систем на управување со животната средина, со што сите простории на ПроКредит Банка се целосно опремени со системи за енергетско регулирање кои автоматски ја редуцираат потрошувачката на енергија потребна за осветлување, загревање и ладење, доведувајќи го до максимум користењето на дневната светлина и регулирајќи ја енергијата што се троши во отсуство на вработените, 2) развој на кредитна технологија за детална анализа на сите економски активности што потенцијално инволвираат ризици од животна средина и соодветно одбивање на кредитни апликации од претпријатија ангажирани во активности што се сметаат за штетни за животната средина и коишто се наведени на нашата листа на институции што не се финансираат и 3) финансиска поддршка на клиентите кои сакаат да направат инвестиции со кои ја ќе ја подобрат енергетската ефиксаснот во домот или објкетите и процесите со кои работат.

БИ: Воведовте и кредитирање на проекти што се однесуваат на енергетската ефикасност. Колку компаниите ги користат овие кредити?

Во јули 2009 година лансиравме програма за “зелени” кредити – една од првите од ваков вид во Македонија – што се состоеше од кредити за енергетска ефикасност за граѓаните и претпријатијата. Во секоја експозитура на ПроКредит Банка, “ЕКО советници” беа обучувани да им даваат насоки и совети на нашите клиенти за инвестициските можности за енергетска ефикасност и нивните одлуки да ги насочуваат кон решенија со поголема енергетска ефискасност. За сите претпријатрија и за домаќинствата кои се заинтересирани да инвестираат во аспекти кои ќе им ја зголеми ефикасноста на работењето, ќе придонесе за намалување на трошоците или зголемување на удобноста на објектот, овие кредити се со најповолни услови помеѓу кредитните услуги на банката и воопшто на пазарот.

DSC_0118

БИ: Какви кредити и услови им нудите на земјоделците?

Земјоделието е еден специфичен сегмент за кој е потребна специјализирана поддршка. Станува збор за сегмент кој е подлежен на сезоналност и во однос на плаќањата и во однос на приливите. Во тој поглед ја прилагодуваме и отплатата на кредитот според таа сезоналност. Дополнително Прокредит банка е првата банка која на пазарот понуди кредити со флексибилен залог, прилагоден на можностите и на капацитетите на нашите земјоделци. Кредит до 10.000 евра во нашата банка може да подигне само со жирант кој потпишува меница и кој треба да е бонитетен, односно да има фиксни примања или да поседува имот (подвижен или неподвижен). Лицето не мора да е државен службеник или пак, да работи во јавна установа, како што важи многу често за кредитите што се нудат на пазарот, а како залог може да се остави и подвижен имот, механизација или недвижности. Исклучиво за кредити кои се над 50.000 евра или со рок на отплата подолг од 48 месеци, инсистираме на покритие на кредитот со хипотека на недвижен имот и за тоа ги прифаќаме објектите од руралните средини – имоти со локација на село, како и земјиште кое е на село, односно што има имотен лист, што не е практика на другите банки. Покрај финансирање со средства на банката, за земјоделците се достапни и кредитните линии со повластени од ЗКДФ (Земјоделски Кредитен Дисконтен Фонд), за кои нудиме комплетна поддршка на земјоделците во изготвување на потребните документи.

БИ: Што значи за клиентите да работат со банка со германски капитал и седиште во Франкфурт, Германија, која е присутна во регионот?

Несомнено е значајно и за штедачите и за претпријатијата. Сигурноста и стабилноста на германските банки се покажа и во времето на кризата, а и со години наназад. ПроКредит Македонија ја има поддршката од својот доминантен акционер, ПроКредит Холдинг со седиште во Франкфурт Германија, а сето тоа се потврди со зглемувањето на долгорочниот кредитен рејтинг од Меѓународната рејтинг агенција Фич. Токму поради сигурната поддршка од акционерите, банката доби покачување на рејтингот од ББ+ на БББ- што го гарантира доброто работење на банката и сигурноста на заштедите на штедачите.

Како групација на банки во регионот ги поврзуваме клиентите за бизнис соработка. Нашите клиенти не добиваат само вообичаени кредитни услуги, туку и бизнис контакти и соработка со клиентите од сестринските банки во регионот. Бизнис средби за нашите клиенти организираме со банките во Србија, Албанија, Бугарија и Косово и низа други настани од кои може да се придобие бизнис ефект за клиентот.

БИ: Како може една банкарска институција да помогне во одржувањето на одговорно банкарство, култура на штедење и долгорочно партнерство со клиентите?

Основата на одговорното банкарство и партнерскиот однос е директниот контакт со клиентот и анализа на клиентот случај по случај. Тоа значи дека секој бизнис има своја приказна и позадина и не одговара во еден стандардизиран модел во кој би влегле сите бизниси. Тоа значи дека една банка треба да има високо стручен кадар кој работи дирекно и на терен со своите клиенти, затоа што само така има директен увид во целосната работа и потребите на бизнисот. Вториот аспект се однесува на одговорноста за соодветната кредитна анализа и советодавна улога кон клиентот која е насочена кон реално утврдување на кредитниот капацитет и кредитирање во рамки на неговите можности за отплата на долгот, што е предуслов за развој на бизнисот.

1

БИ: Кои се најновите продукти и услуги што банката им ги нуди на своите клиенти? Планирате проширување на услугите и производите во наредниот период?

Работиме во насока на поедноставување на работењето на клиентот со банката. Затоа се воведоа неколку новини со кои ПроКредит е прва на пазарот во однос на таквите услуги.

Банката на почетокот на соработката со клиентот го одредува неговиот максимален кредитен капацитет и во рамки на истиот однапред му одобрува расположливи средства кои бизнисот може да ги користи кога му е потребно. Практично во рамки на одобрениот износ секој бизнис според динамиката на своето работење може да користи различни кредитни услуги од банката: кредитни линии, пречекорување на сметка, кредит за инвестиции, гаранции, акредитиви итн. Со ова клиентот значително побрзо ги добива на располагање потребните средства кои веќе однапред му се одобрени и пред се знае дека може да смета на поддршка од банката во периодот кога му е потребно.

За клиентите кои користат т.н. рамковен договор овозможивме и електронско потпишување на договори. Со оваа новина  договорите за кредит, акредитив, гаранција, кредитна линија или краткорочно користење на средства клиентите ќе можат да ги потпишат од нивната канцеларија. Со додавање на оваа услуга ПроКредит Банка овозможи чекор плус во поедноставeн пристап до  финансиските услуги од банката. Клиентите електронски ги потпишуваат договорите, ги добиваат средствата на својата сметка побрзо, а сите плаќања можат да ги извршуваат преку системот за електронско банкарство.

Како и досега и во иднина ќе работиме во насока на поедноставување на услугите и нивно прилагодување според потребите на клиентите.