Маск е својот најголем непријател

101

Ова е стара шега меѓу менаџерите на Tesla Inc. „Ако се приближите премногу до извршниот директор Елон Маск, ќе изгорите. Да останете незабележани – наместо опасно да се приближите до сонцето – е вашата стратегија за преживување“.

Добро познат рефрен од грчката митологија. Икар ги игнорира предупредувањата на татко му и лета превисоко, а топлината на сонцето му ги топи восочните крилја. Икар паѓа во морето и се дави.

Сега Маск се чини дека влегува во својата потенцијално опасна фаза на Икар, пишува Дејна Хал во коментар за Блумберг. Со нето богатство од над 300 милијарди долари, тој е најбогатиот човек досега. Тој поседува околу 20% од Tesla и околу половина од SpaceX. Неговото лично богатство вртоглаво порасна со масовното прибегнување кон електрични возила, но и со летовите во вселената. Во родната држава на Тесла, Калифорнија – барем додека компанијата не се пресели во Остин, Тексас – возилата со нулта емисија учествуваат со 11% од продажбата на нови автомобили.

Повеќето претприемачи кои се на ниво на Маск го земаат својот профит и почнуваат да размислуваат кој ќе ги наследи, фокусирајќи се на добротворни цели.

Но, Маск штотуку доби нов наплив на енергија, а неговите младешки шеги на Твитер достигнуваат нови височини. Тој го задева Џеф Безос со објавување на емоџи со медал за второ место во позадина на растечката разлика во состојбата на двајцата мажи. Тој продолжува да се шегува со претседателот Џо Бајден, звучејќи речиси како републиканец. Маск му рекол на шефот на Светската програма за храна на ОН дека ќе донира 6 милијарди долари за борба против гладта во светот, доколку неговата организација гарантира дека парите ќе ја исполнат таа цел.

Пред десетина дена Hertz објави дека планира да купи 100.000 автомобили Tesla, според кои компанијата за изнајмување автомобили ќе ја плати целата сума за електричните автомобили. Меѓутоа, Маск побрза да истури студен туш врз ентузијазмот, тврдејќи дека сè уште не е потпишан договор. Како одговор, Hertz рече дека испораките веќе започнале и дека има голема побарувачка за автомобили.

Што точно се обидува да направи Маск? Ако навистина нема договор, зошто Hertz го објавува договорот? Или можеби Маск е премногу чувствителен на идејата Tesla да го предаде својот Model 3 на компанија за изнајмување автомобили, користејќи ја платформата за да го потсети Hertz дека нема да добие специјални попусти?

Како надополнување, тој ги праша своите следбеници на Твитер дали да продава акции од производителот на автомобили, а откако мнозинството одговори потврдно, цената на акциите драстично падна.

Инкарнацијата на Tesla во изминатата деценија, од борбен стартап во Силиконската долина до врвен производител на автомобили, беше импресивна. Попатно, Маск успеа да го сруши имиџот на модерниот извршен директор, главно без да си наштети – без разлика дали се работи за пушење марихуана, удирање поранешен подреден или обвинувања за измама со хартии од вредност. Легии обожаватели го сакаат поради неговото фалење и ароганција, а одборот на Tesla го прифаќа.

Се надеваме дека за негово добро и за доброто на неговите вработени, Маск нема да изгори. Тој се покажува како свој најголем непријател: се саботира во време на стрес (видете во 2018-та) и станува особено арогантен кога работите одат добро. Тој има 50 години и има уште долг пат за да го оствари својот сон да го колонизира Марс и да ја реализира својата револуција за чиста енергија. Најголемиот ризик во овој клучен момент може да биде неговата сопствена ароганција.