Маск: Starlink ќе обезбеди интернет за време на летовите

82

Илон Маск го коментираше планот на SpaceX да користи Starlink за безжичен интернет за време на летовите, нагласувајќи дека неговата компанија преговара со авиокомпаниите за додавање на сателитска интернет-услуга со голема брзина, пишува CNBC.

„Ве молиме, известете ги, ако го сакате тоа во вашиот авион“, напиша Маск на Twitter, додавајќи дека Starlink може да додаде „полу-гигабитна конекција во воздух со мала латентност“.

Starlink е планот на компанијата да изгради меѓусебно поврзана Интернет мрежа од илјадници сателити, позната во вселенската индустрија како „соѕвездие“. Таа е дизајнирана да испорачува брз интернет на потрошувачите насекаде на планетата.

SpaceX досега испрати 1.740 сателити Starlink во вселената, а мрежата има повеќе од 100.000 корисници во 14 земји кои учествуваат во јавното бета тестирање. Услугата чини 99 долари месечно.

Претходно оваа година, потпретседателот на SpaceX, Џонатан Хофлер, рече дека компанијата „преговара со неколку“ авиокомпании за додавање безжичен интернет на летовите. Потоа, тој сугерираше дека станува збор за „авијациски производ во развој“.

„Веќе направивме неколку демонстрации и очекуваме овој производ да биде завршен за да може да се лансира во авиони во блиска иднина“, коментираше тој во јуни.

Авиокомпаниите работат со сателитски провајдери на широкопојасен интернет, а Viasat и Intelsat се две од компаниите што нудат слично поврзување на авионите Delta, JetBlue, American Airlines и United. Иако достапните услуги користат сателити со долг дострел, сателитите Starlink се наоѓаат поблиску до Земјата и можат да понудат побрзи брзини на интернет конекција во лет.

Хофлер, исто така, нагласува дека Starlink „обезбедува глобална мрежа“, така што „авиокомпаниите летаат под оваа глобална мрежа и имаат врска каде и да одат“.

Претходно, Маск спомена дека очекуваното регулаторно одобрување ќе определи кога Starlink може да се користи од авиокомпаниите, бидејќи услугата „мора да биде сертифицирана за сите видови авиони“.