Мате Римац е најбогат во Хрватска

24

Фото: Facebook

Мате Римац е најбогат човек во Хрватска, откако во неговата компанија инвестираа Hyundai и Kia, пишува Index.hr.

Според информациите, неговата компанија Rimac Automobili достигна вредност од околу 580 милиони евра. Бидејќи уделот на Римац е нешто помалку од 50%, тоа е износ од околу 290 милиони евра, со што станува најбогатиот човек во Хрватска.

Во интервју по веста дека Hyundai и Kia одлучија да инвестираат 80 милиони евра во Rimac Automobili, Римац ја даде следната изјава: “Што се однесува до сопственоста, сега имам 47,7%. Кинески Camel Group има 14%, Hyundai 11%, Porsche 10%, Kia 2,7% и остатокот отпаѓа на мали инвеститори од 2012 и 2013 година“.

Доколку за 13,7% сопственост се потребни 80 милиони евра, со едноставна математичка операција се доаѓа до фактот дека Rimac Automobili во овој момент на пазарот вреди 584 милиони евра.

Само за споредба, пазарната капитализација на најголемата хрватска туристичка компанија Valamar Riviera, што држи една десетина од вкупното категоризирано сместување во Хрватска, на берза во овој момент изнесува околу 686 милиони евра.

Инаку, Мате Римац во 2009 година на само 21 година ја основа Rimac Automobili со проект за конверзија на стар автомобил на електричен погон. Денес, оваа компанија развива и произведува системи на електро погон за многу светски автомобилски компании. Во овој момент во компанијата се вработени повеќе од 500 лица.