Математика на преживувањето: За семејство под кирија во јуни потребни се над 84.000 денари

Најновите пресметки на Сојузот на синдикати на Македонија (ССМ) за Синдикалната минимална кошница откриваат дека во јуни годинава, на едно четиричлено семејство му биле неопходни најмалку 68.654 денари за задоволување на само најосновните потреби..

Сепак, оваа сума важи само доколку семејството поседува сопствен недвижен имот. За граѓаните кои немаат решено станбено прашање, реалноста е уште посурова. Доколку во крајната сметка се пресмета и изнајмување на стан од 60 квадратни метри, финансискиот товар на семејниот буџет  скока на високи 84.024 денари.

Во споредба со мај, кога минималната кошница тежеше 68.742 денари, евидентирано е занемарливо и речиси незабележливо намалување од скромни 88 денари, што во пракса не претставува никакво олеснување за граѓаните.

Убедливо најголема ставка е храната и пијалаците, за кои се потребни 25.120 денари, што претставува дури 36,6% од вкупниот семеен буџет.

Втора по големина ставка во јуни е образованието, каде за едукативни потреби на семејството се издвојуваат 7.192 денари (10,5%).

За облека и обувки се пресметани 6.511 денари (9,5%), додека основните режиски трошоци (вода, струја, греење) за оние кои имаат сопствен стан изнесуваат 6.379 денари (9,3%). За рекреација и култура во јуни се наменети 5.592 денари (8,1%), за транспорт се потребни 5.089 денари (7,4%), а за исхрана во ресторани и хотелски услуги се предвидени 4.131 денар (6,0%).

На дното на листата се трошоците за комуникации со 3.677 денари (5,4%), лична хигиена и одржување на домот со 2.667 денари (3,9%), здравје со 1.196 денари (1,7%) и останати стоки и услуги со 1.100 денари (1,6%).