МБА: Банкарскиот систем е стабилен и сигурен

54

Македонската банкарска асоцијација ја известува јавноста дека изминатите денови е присутна појава на објави со неточни информации за  состојбите во банкарскиот систем и за поединечни банки, коишто можат да предизвикаат неоснован немир кај граѓаните.

Се работи за коментирање на состојбите во банкарскиот систем и за поединечни банки  на злонамерен начин којшто внесува немир кај населението. Употребата на социјалните мрежи и објавување полувистини, невистини или искривени толкувања на одредени информации, може да внесе непотребна паника и конфузија и да има особено штетно влијание на перцепциите на граѓаните за банките.

Во овие и онака тешки времиња кога се справуваме со кризата предизвикана од COVID-19, кога се вложуваат максимални напори да се обезбедат банкарски услуги на клиентите и при тоа да се сочува нивното здравје, паралелно со дистрибуцијата на веродостојни и корисни информации кои ќе им го олеснат животот на луѓето, овие тенденции доведуваат до бројни дезинформации кои ги збунуваат и вознемируваат граѓаните.  

Во таа смисла, како Македонска банкарска асоцијација препорачуваме особено да се внимава кога се читаат информациите поврзани со работењето на банките, односно да се прифаќаат за точни и веродостојни само информациите од официјални и проверени извори.

Уште еднаш нагласуваме дека банкарскиот систем е стабилен и сигурен!

Фото: Freepik