МБА објави јавен повик за учество во меѓународниот натпревар Европски квиз на парите

34

Македонска банкарска асоцијација (МБА) во соработка со Народната банка на Република Северна Македонија и Комисијата за хартии од вредност на Република Северна Македонија објавува Јавен повик до основните и до средните училишта во Република Северна Македонија за учество во меѓународниот натпревар Европски квиз на парите.

Овој квиз е проект на Европската банкарска федерација, фокусиран на финансиската едукација на учениците од 13 до 15 години.

Европскиот квиз на парите се одвива во две фази – првата фаза се националните натпревари во секоја земја, а втората фаза е европското финале. Националниот натпревар во Република Северна Македонија ќе се одржи виртуелно на 24 март 2021 година, на македонски и на албански јазик.

Тим од најдобрите двајца ученици ќе ја претставува нашата земја на европското финале коешто ќе се одржи виртуелно, на 20 април 2021 година, од 11:00 до 13:00 часот, на англиски јазик. Оттука, националните победници треба да имаат и солидни познавања од англиски јазик.

Европската банкарска федерација ќе им додели парична награда на училиштата за освоено прво, второ и трето место.

Натпреварите ќе се одвиваат преку посебна електронска апликација за оваа намена Кахут (Kahoot!), којашто е едукативна платформа на база на игра.

Се повикуваат сите заинтересирани основни и средни училишта да пријават одделенија/класови за учество на националниот натпревар во Република Северна Македонија, најдоцна до 15 февруари 2021 година, на следнава електронска адреса на Македонската банкарска асоцијација: info@mba.mk

Притоа, треба да се има предвид следново:

  • Секое основно или средно училиште може да пријави повеќе одделенија/класови;
  • Учениците треба да бидат на возраст од 13 до 15 години на денот на пријавувањето;
  • Заедно со податоците за одделенијата/класовите, треба да се достават податоци за наставниците/професорите под чие менторство ќе се одвива подготовката.

Едукативните материјали потребни на учесниците од Република Северна Македонија за подготовка за  националниот натпревар и европското финале и повеќе информации за Европскиот квиз на парите се достапни на следниве веб-страници: www.mba.mk и www.efb.eu.