Меѓународен симпозиум за енергетика во Охрид

22

Во Охрид денеска почнува меѓународниот симпозиум Енергетика – 2016, што го организира Здружението на енергетичарите на Македонија (ЗЕМАК), јавува Миа.

На настанот, којшто традиционално се одржува секои две години, ќе бидат презентирани 79 авторски трудови, а на пленарните седници ќе се дискутира за енергетската стратегија на Балканот, термоелектраните, природниот гас, технологија на хидроелектрани и дигиталната опрема за управување на капацитети. Целта е обезбедување платформа за размена на најважните информации, постигнувања и искуства меѓу експертите од областа на енергетиката, приватни компании, истражувачките центри, универзитетите и другите заинтересирани страни на локално и на меѓународно ниво.

Симпозиумот ќе трае до сабота, осми октомври, а на денешните две пленарни сесии експерти од Македонија, Бугарија, Босна и Херцеговина, Италија, Русија и Шведска ќе дискутираат за состојбите во секторот како значаен економски фактор во Македонија и пошироко.

Енергетската фела ќе разменува мислења околу предизвиците со коишто се соочуваат енергетските субјекти и ќе ги идентификува механизмите за нивно надминување. Ќе бидат презентирани и иновации во областа на енергетската ефикасност и заштитата на животната средина, како и новите прелиминарни анализи околу идните потенцијални енергетски проекти во Македонија.

Главен покровител на годинашниот симпозиум е АД ЕЛЕМ.