Меѓународни признанија за 10 македонски транспортни компании

27

kamioniВкупно 10 менаџери на македонски транспортни компании денеска добија меѓународни признанија од Меѓународната унија за патен транспорт (ИРУ).

Признанијата на транспортните менаџери, членки на СИЗ Македонија сообраќај АМЕРИТ, ИРУ им ги доделува за нивниот придонес и развој на транспортната дејност во Македонија и во меѓународни рамки.

Транспортерите го добија меѓународното признание на Генералното собрание на Меѓународната унија за патен транспорт, што се одржа на четврти овој месец во Женева, кога им беа доделени награди на 54 менаџери од 15 земји, за нивната успешна работа и врвно лидерство во своите компании, но и во дејноста во која работат.

Наградени транспортни менаџери од ИРУ се Виолета Ристова од Виден транс, Маргарита Јосифова – Тефтер транс, Предраг Трајковски од Штуз, Бранко Каламадевски – Лаката, Мишо Николов – ЈСП – Скопје, Калем Иса – Се транс, Соња Бочварска – Бомак, Биљана Петрова – Сам Вел, Димитар Василевски Галеб и Елена Минева од Риве транспорт.

Наградените менаџери добиваат сертификат, значка и можност да се промовираат со користење на логото најдобар менаџер во своите промотивни материјали и контакти со своите клиенти и партнери.

Оваа година, најдобри менаџери беа избрани од Белорусија, Чешка, Естонија, Македонија, Германија, Италија, Казахстан, Латвија, Молдавија, Мароко, Романија, Русија, Шпанија, Турција и Украина.

Во пропозициите на ИРУ за номинирање за наградите за транспортните менаџери се ставени повеќе високи критериуми, што тие треба да ги задоволат.

Менаџерите, кои имаат соодветен Сертификат за професионална компетентност, треба активно да ги промовираат обуките и за своите вработени преку програмите на акредитираните институти на Академијата на ИРУ, како што е Центарот за обука во АМЕРИТ.