Меѓународниот аеродром Скопје акредитиран со Здравствен сертификат

80

Меѓународниот Аеродром Скопје се стекна со акредитација од страна на Меѓународниот совет на аеродроми (Airports Council International – ACI) во рамки на Програмата за здравствена акредитација на аеродромите, што претставува нов меѓународен репер во однос на спроведени здравствени мерки на аеродромите низ светот, креирана за да помогне да се увери патувачката јавност дека аеродромските објекти остануваат безбедни и дека се преземаат мерки на претпазливост за да се намали ризикот по нивното здравје.

Според податоците од ACI, 350 аеродроми на светско ниво аплицирале за акредитација со Програмата за здравствена акредитација на аеродроми, додека 60 од нив се акредитирани досега.

“Аплициравме на Програмата за здравствена акредитација на аеродроми на ACI и целиот процес на ревизија траеше од февруари 2020 година до август 2020 година. Стручни лица за здравје и безбедност на ACI ги проверуваа аеродромските процеси, вклучително и Аеродромскиот план за подготвеност при јавно-здравствена вонредна состојба од меѓународно значење, Протоколот на ТАВ Македонија за работење на аеродромот при пандемија, како и Планот за дезинфекција на терминалот на Меѓународниот Аеродром Скопје. Здравствената акредитација на аеродроми на ACI е глобално признание и доказ за нашите постојани напори и посветено работење на одржливи здравствени мерки на аеродромот. Ние навистина веруваме дека ова дополнително ќе ги увери нашите патници дека нивните патувања преку Меѓународниот аеродром Скопје се и ќе бидат безбедни“, изјави генералниот директор на ТАВ Македонија, Метин Батак.

Сертификатот, односно акредитацијата на ТАВ Македонија важи во следните 12 месеци, за што ќе следи процес на ресертификација од страна на ACI.

Пред Здравствениот сертификат од ACI, Меѓународниот Аеродром Скопје во 2020 година го имплементира Пандемскиот протокол дизајниран според најновите здравствени стандарди на Агенцијата за безбедност на воздухопловството на Европската унија (EASA) и Европскиот центар за превенција и контрола на болести (ECDC) и скопскиот аеродром е еден од првите аеродроми кои успеаја да се усогласат со највисоките стандарди на ЕУ и со највисоките меѓународни здравствени стандарди за авијација.