
На панел-сесијата „Енергетска поврзаност, отпорност и безбедност: регулаторни и правни аспекти“, во рамки на 14. Меѓународен форум за енергија за одржлив развој (14-IFESD), која ја модерираше Мартин Мартиновски – експерт за електрична енергија и статистика во Енергетската заедница – говореше управителот на Националниот оператор на пазар на електрична енергија, МЕМО ДООЕЛ Скопје, Зоран Ѓорѓиевски, заедно со колеги од регионот – управители на берзите за електрична енергија на Унгарија, Србија и Црна Гора, како и претставници на регулаторни тела.
Во фокусот на сесијата беше процесот на интеграција на Западен Балкан во електроенергетскиот пазар на ЕУ и важноста од усогласување на правната и регулаторната рамка, како и техничките унапредувања на преносните мрежи, интерконекциите и системските операции.
Ѓорѓиевски истакна дека од мај 2023 година, кога МЕМО го започна пазарот „ден-однапред“, постигнат е значителен напредок во развојот на транспарентен и ликвиден пазар.
„Денес има 38 активни учесници – речиси сите домашни производители и снабдувачи, како и повеќето регионални трговци. До септември 2025 година се истргувани околу 1 TWh електрична енергија, што претставува над 21% од националната потрошувачка и раст од над 40% во однос на 2024 година – јасен показател за зголемена ликвидност и доверба во пазарот. Постигнатите цени реално ги одразуваат состојбите на понудата и побарувачката и се во корелација со регионалните пазари, што ѝ овозможува на Македонија своја референтна пазарна цена на електрична енергија – важен сигнал за идни инвестиции.
Со новиот Закон за енергетика, МЕМО повторно е назначен како Номинран оператор на пазарот на електрична енергија (NEMO) за следните четири години, со што се обезбедува континуитет и институционална стабилност како предуслов за европската интеграција. Транспонирањето на регулативата од Electricity Integration Package е во финална фаза, а по неговото усвојување следува сертификација од Секретаријатот на Енергетската заедница и Европската комисија. Истовремено, усвојувањето на Market Coupling Implementation Plan од ACER е клучен чекор за започнување на coupling проектите. Македонскиот пазар на електрична енергија е стабилен, конкурентен и активно се подготвува за интеграција со европскиот пазар“, рече Ѓорѓиевски.
На сесијата се дискутираше и за техничките основи за поотпорен, меѓусебно поврзан и одржлив електроенергетски систем во Југоисточна Европа, при што беа идентификувани регионалните приоритети и можностите за подлабока интеграција меѓу ЕУ и Западен Балкан.
„Во контекст на регионалната интеграција, МЕМО ја зацврстува својата улога во иницијативата за регионално пазарно поврзување и активно работи на подготовките за воспоставување Market Coupling со Република Грција. Паралелно, МЕМО ги финализира подготовките за Intraday Market, кој се очекува да биде оперативен до крајот на вториот квартал во 2026 година, рече Ѓорѓиевски.
Покрај организираниот пазар, МЕМО активно го развива системот за Гаранции за потекло на електрична енергија, воспоставен во април 2025 година, со цел следливост и доверба во потеклото на зелената енергија.
„Следна цел е целосно членство во Асоцијацијата на издавачки тела (AIB) со седиште во Брисел и поврзување со европскиот хаб. Паралелно, се работи на дигитализација и олеснување на билатералното тргување за поголема транспарентност и ефикасност. Во однос на регионалните партнерства, МЕМО соработува со EPEX-SPOT (платформа за тргување) и BSP (клиринг и порамнување) – партнери со висока професионалност и меѓународен углед. Иако ги следиме иницијативите како ADEX, фокусот останува на техничка и регулаторна усогласеност како темел за успешно пазарно спојување. Регионалната интеграција не е само технички процес, туку прашање на доверба и заедничка визија. МЕМО останува посветен на изградба на модерен, поврзан и конкурентен пазар кој ќе ја зајакне позицијата на Македонија во европската енергетска слика“, додаде Ѓорѓиевски.
На 14. Меѓународен форум за енергија за одржлив развој (14-IFESD), во организација на Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини, УНДП и петте регионални комисии на Обединетите нации (UNECE, UNECA, ESCAP, ECLAC и ESCWA), присуствуваа владини претставници, експерти, претставници на меѓународни организации, финансиски институции и индустриски лидери — клучните луѓе што ја обликуваат енергетската иднина на регионот и пошироко. Над 500 учесници од повеќе од 70 земји дискутираат за новите насоки на енергетската транзиција, иновациите и одржливите решенија што ќе ја дефинираат енергетската политика на иднината.











