Менаџер оптимист или менаџер песимист?

193

Рецесијата е време кога деловните и политичките лидери треба да применуваат позитивна психологија во сите сфери од бизнисот, почнувајќи од работното место, препорачува американскиот психолог Реј Б. Вилијамс. Еден од гуруата на психологијата на позитивно размислување, поточно позитивна сугестија и автосугестија, тврди дека во тешки времиња ширењето на добри вибрации може да ја издигне економијата.

“Иако менаџерите не ги спомнуваат често среќата и позитивните работи додека луѓето остануваат без работа, токму тоа е моментот кога треба да се употреби моќта на позитивната психологија. Лидерите кои така постапуваат поуспешно управуваат со своите организации и постигнуваат подобри резултати”, тврди Вилијамс.
Во тешки економски времиња, менаџерите намуртено бараат од вработените да се фатат за работа и да издржат, често испраќајќи им порака дека треба да бидат среќни што воопшто имаат работа и дека не смеат да се жалат. Таквите менаџери, според Вилијамс, ги занемаруваат принципите на позитивната психологија.
Тие принципи налагаат менаџерите да ги фалат вработените, да ги наградуваат и стимулираат, да им помагаат подобро да ја организираат работата и да одржуваат ведра и оптимистична атмосфера независно од тоа што се случува во компанијата или економијата. Таквите постапки на менаџерите, велат заговорниците на позитивната психологија, ја намалуваат стапката на анксиозност и стрес меѓу вработените.

“Менаџерите можат да се обидат да ги решаваат проблемите така што на работниците ќе им ја променат перспективата, ќе има ја зголемат самодовербата и ќе ги направат посилни”, заклучува Вилијамс.

Депресивците се порационални

Позитивната психологија има и бројни противници кои сметаат дека позитивната сугестија може поволно да делува само кај поединци со послаби сознајни способности, или грубо речено кај наивни и необразовани. Оние поразумните ширењето на нереален оптимизам може да ги иритира, додека оние што ќе паднат на позитивна сугестија ќе се повлечат во состојба на лажна сигурност.

“Позитивно менаџирање може да биде штетно. Кога менаџерите применуваат прекумерно ведар стил на управување, го распрснуваат чувството за реалност и привлекуваат неволји”, вели Дејвид Колинсон, професор на бизнис школата при Ланкастерскиот универзитет во Велика Британија. Колинсон и соработниците спровеле истражување за влијанието на раководењето по принципите на позитивна психологија и заклучиле дека таквото водење предизвикува бројни грешни постапки и катастрофални финансиски одлуки. Истражувањето го нарекле Prozac Leadership, алудирајќи на познатиот антидепресив. Оваа споредба е во согласност со теоријата за депресивен реализам, според која среќните луѓе се наклонети кон заблуда и невнимание, додека депресивците поисправно ја согледуваат реалноста и постапуваат порационално.

Иако авторите признаваат дека оптимистичните лидери се поуспешни во комуникацијата и поттикнување на тимската работа, заклучуваат дека позитивното раководење има претежно негативен ефект врз индивидуалната работа и врз организацијата. “Лидерите на прозак“ можат да поверуваат во својата приказна дека сè е супер. Како последица на тоа, поставуваат се помалку прашања и не реагираат на информациите кои се спротивни на нивните уврувања. Тоа ги изолира и нив самите и нивните компании од економската и општествена реалност.

“Компаниите коишто го наградуваат оптимизмот и го обесхрабруваат песимизмот често ја минираат способноста за критично размислување. Кога лидерите се претерано позитивни, не ги согледуваат алтернативите, оставајќи ги своите компании неподготвени за носење со неочекувани проблеми. Последично, оптимизмот без покритие предизвикува отпор кај вработените, клиентите и акционерите”, заклучуваат авторите.